Незадолжителна иднина или задолжително образование?

Со скорешните иницијативи на одредени бизнисмени во Македонија кои бараат укинување на задолжителното средно образование може да се нанесе штета на една цела генерација деца, а потенцијално и на целата држава. Иако се работи за изолирани гласови, потребно е да се реагира аргументирано зошто не се во право и какви последици може да има таа иницијатива.

Кога станува збор за целосното траење на задолжителното образование, од оваа листа може да се заклучи дека земјите каде има 7-8 години задолжително образование се претежно земји од третиот свет, со извесни исклучоци како Словенија (иако во други наводи е поинаку). Но, пред да издвоиме еден фактор како пресуден мораме да ги имаме во предвид и другите фактори, како можностите кои некоја држава им ги пружа на децата кои нема да завршат средно училиште. Секој со здрав разум би се согласил дека можностите не се еднакви во Ирак и во Словенија.

Со површно истражување на тема „предностите на образованието“ се среќаваме со неколку битни точки поврзани со образованието: поголеми можности за вработување, обебзедување поголем приход, развивање на вештини за решавање проблеми, подобрување на економијата на државата итн.

Доколку на детето му се ускрати тоа и му се прекине образованието на 13 години, патем речено најпроблематичната возраст во развојот на индивидуата, и се затвори во некоја работилница, вратите кон подобрата иднина му се затвораат.

Non-Formal-Education Seminar (open to members only) - Eurodiaconia

Образование за подобар стандард и подобра иднина

Особено се навредливи зборовите на бизнисмените „ти ќе бидеш работник“ и „зошто ти е таа диплома?“ небаре со влегувањето во работилница се одредува целиот животен пат и судбина на една индивидуа. По која цена? Служењето на една индустрија на што помала возраст, со ограничени квалификации и со ниски примања. 

Некои деца се интелигентни и способни, но не го искажуваат тоа до подоцнежна возраст, што е со нив? Некои имаат скриени таленти кои ги откриваат во средно училиште. Многу деца биле инспирирани од професорите во средно училиште па избрале одреден животен пат на кој не помислувале претходно. На многу луѓе им биле мили наставниците во основно училиште, но тие гледале на нив како на деца. Дури во средно училиште ученикот се чувствува интелектуално рамноправен и почитуван и тоа чувство му дава крилја да се вивне во животот и понекогаш да избере животен пат за кој не сонувал со 13-годишен недоразвиен мозок и младешки ставови.

Ако ги затвориме тие потенцијали во работилница каде ќе се обучат да манипулираат со една машинерија неговата судбина е запечатена. Никогаш нема да може да напредне во животот. Се разбира, да се биде работник не е срамно. Работниците се достоен и неопходен дел од секое општество. Но, нивниот „прозорец“ за развој, усовршување, поголема плата и напредок во кариерата многу ретко се отвора.

Образованието е еден од најзначајните фактори за развој на општеството и сите „академски“ граѓани треба да чувствуваат сопствена морална обврска активно да работат на неговото подобрување, кој како знае и умее, според својата област на професионален интерес.

Зошто е проблематичен овој став и што да се прави?

Иако се работи за изолирана иницијатива од одредени бизниси, тоа почнува да се јавува и кај просветните работници, што е уште пострашно. Како аргумент тие ја наведуваат бројноста на учениците во паралелките, па наместо да се залагаат за вложувања во образованието, нови училишта, зголемување на и така малиот буџет за образование, тие предлагаат да се намали бројот на учениците. Така доаѓаме до парадоксална ситуација која народно може да се опише како „сечење на гранка на која се седи“ или „касање на раката која ве рани“… изберете сами што повеќе ви се допаѓа.

Со деградирачкиот став кон образованието кој се гради во јавноста (присетете се само на револтот кај општата популација кон наставниците за време на пандемија), во одредени сектори (бизнис заедница), па дури и кај самите просветни работници, само ќе ги влошиме работите и нема да имаме вистинска промена во општеството, ниту правилна иднина.

Едно од решенијата е поинтензивна пракса, практична настава, посетување и обучување по фабрики кои ги бараат овие кадри. На младите луѓе мора да им се даде избор, алтернативи и различни знаења, вештини и пошироки гледишта за животот, па дури потоа да можат самостојно да донесат избор дали ќе продолжат со образованието или ќе се вработат. Така, ми се чини, ќе се обезбеди фер клима за сите идни продуктивни членови на општеството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *