Sound of Metal, филм за музиката кој укажува на значењето на тишината

Inside Amazon's New Film “Sound of Metal” – NBC Palm Springs – News,  Weather, Traffic, Breaking News

Звукот на металот (Sound of Metal, 2020) е филм на Дариус Мардер (Darius Marder) со одличниот Риз Ахмед (Riz Ahmed) во главната улога, како музичар-тапанар кој го губи слухот. Но, Sound of Metal воопшто не е филм за музиката!

На истиот начин познатиот Whiplash (2014) не е филм за музиката, туку длабока студија на двата главни карактери во филмот. Сепак, тој се потпира на внатрешната (патем речено сосема нездрава) динамика која ја имаат тие помеѓу себе.

Начинот на кој е претставена тишината и звукот како што го доживуваат глувите во филмот е восхитувачки. Сепак, додека на Whiplash (2014) му е потребен звукот за да ја пренесе својата порака, Sound of Metal (2020) се потпира токму на обратното. Филм за музиката кој што се потпира на тишината!

Колку што се работи за еден панк-рок филм, толку се работи за инди остварување кое му зборува на гледачот на многу подлабоко човечко, па дури и филозофско ниво.

Spoilers Alert!


Филмот започнува со концерт на бендот, момче (Riz Ahmed) и девојка (Olivia Cooke) кои се главни актери во приказната. Песната е агресивна, музичарите доживуваат катарза и се погледнуваат како во транс. Во таа секунда на гледачот му станува јасно дека приказната нема да заврши добро.

Рубен, главниот лик, е поранешен наркоман, со тетоважа “Kill Me Please” и лузна од изгасната цигара на градите. Но, тој се труди да остане чист, подготвува здраво смути наутро и се чини мотивиран, здрав и среќен.

Се разбира, како и во секој добар филм, среќата е само привид и наскоро почнуваат проблемите. По низа нагли резови на сцените, преминување од бучава во тишина и муабети за смртта, Рубен го губи слухот.

Главната приказна сепак допрва претстои. Рубен ќе заврши отцепен од светот во Заедницата на глуви каде тие го учат дека проблемот не е во ушите, туку во мозокот, во психологијата на тој кој не слуша. Во заедницата сите имаат дневни задачи, а Рубен мора да научи да зборува со користење знаци заради што го праќаат на училиште со деца.

Во меѓувреме му даваат една задача – да пишува. Никој нема да чита што напишал, но мора да пишува без престан – се додека не го најде мирот. Менторот го прашува дали после сите денови и часови поминати во собата со пенкало во раката имал моменти на „мир“ (stillness).


Рубен му одговара дека светот постојано се движи и никому не му е гајле дали тој е жив или мртов. Менторот тогаш разбира дека Рубен никогаш нема да го најде мирот и му го покажува знакот за зависник според јазикот на глувонемите кој е „јадица во устата“.

Внатрешни демони

Ова е најбитната лекција на која се обидува да не научи филмот. Зависникот е тој кој е постојано во потрага, оној кој не може да седи мирен. Да бидеш глув не е хендикеп, не е нешто што „треба да се поправи“.

Но, Рубен е бесен однатре, не може да се смири и се решава на операција за кохлеарен имплант. Сепак, тоа го води во ново незадоволство, звуците не се такви какви што беа, а се чини дека не е ни неговата перцепција на животот.

Дали тоа што го слушаме, гледаме, допираме не дефинира како човечки суштества?

Филмот завршува неодредено, се чини дека главниот лик откако ја запознал тишината веќе не може да се носи со звуците на светот кои му се чинат метални и хаотични. На крајот на филмот кога ги симнува имплантите и во тишина го набљудува светот се чини дека конечно го пронаоѓа мирот.


Уметникот како Исус

Филмот, како што рековме, воопшто не е за звуците или за музиката. Се чини дека тоа е само позадина на нешто многу подлабоко. Оној кој не може да го најде мирот, никогаш нема да биде задоволен и ќе биде во постојано барање.

Можеби тоа е и поентата на музиката, на уметноста генерално, уметникот постојано бара нешто, и е осуден вечно да биде сам, дури и кога е со луѓето. Другите луѓе кои се дел од заедница и го исполнуваат животот со секојдневните нешта и грижата за другиот, повеќе отколку за себеси, живеат „сега и тука“. Тие немаат потреба од потрага.

За жал, уметникот мора да се жртвува себеси за другите луѓе кои мораат да го пронајдат мирот и во тие страданија на уметниците за човештвото има една исусовска димензија. Затоа, секое општество би требало да си ги негува и да им се заблагодарува на уметниците. Сепак, преку тоа можат да ги разгалат и да им го одземат единственото заради што создаваат – вечната потрага по тоа што го немаат.

Главниот лик на Sound of Metal се чини дека живее во истиот парадокс. Единствениот начин да го пронајде мирот не е преку уметноста, туку преку откажувањето од истото.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *