10 причини зошто домашната група „Дај, не фрлај“ не е дел од светскиот „Buy Nothing Project“

Групата „Дај, не фрлај,“ постои од 2016 година и има речиси 50.000 членови. Основната цел е намалување на консумеризмот, да не се купува кога не мора, искористените работи да се подаруваат ако се во добра состојба и, најбитно, да се гради доверба помеѓу луѓето.

Оние кои не се запознаени со групата може да ја посетат, да се зачленат и да станат дел од едно интересно движење кое има пошироки импликации од едноставното подарување нешта, а меѓу другото и еколошка порака на повторна употреба и заштита на околината.

Неодамна на админите на групата им беше посочено дека таа е слична со едно друго светско движење, т.н. Buy Nothing Project. Според авторот на „Дај, не фрлај“, Бранко Прља, таа се разликува од Buy Nothing Project поради следниве нешта.


1) Buy Nothing Project не се залага против консумеризмот сам по себе, додека „Дај, не фрлај“ е отворена како критика на консумеризмот.

2) Buy Nothing Project групите се сите менаџирани според еден сет од правила, со униформност на светско ниво, додека „Дај не фрлај“ има сопствени правила и манифест и не се води според нивните.

3) Buy Nothing Project имаат одреден број волонтери кои работат на мисијата, додека нашата група не ги смета членовите за волонтери, туку го препушта водството на групата на сите членови, а админите интервенираат „зад хауба“ по потреба.

4) Тој што подарува преку Buy Nothing Project може да влече имиња од шапка, или да подари на личност која ќе постира најсимпатична фотка на нивното милениче или ќе напише најсмешна шега. Според Бранко Прља, ова не е валиден начин на селекција и во групата „Дај не фрлај“ се остава на членовите сами, без притисок од групата и индивидуално да решат на кого ќе подарат.

5) „Нивната филозофија на фрагментарност е слична со она што го предлагав јас, да се направат што повеќе локални групи, секој град да има своја група – но не успеавме во тоа. Групите по градови постојат, но имаат помало влијание. Ние сме централизирани, тие не се,“ дополнува Бранко Прља. Во Buy Nothing Project, кога една група ќе стане голема, повеќе од 1.000 членови, таа се фрагментира во помали групи.


6) Buy Nothing Project дозволува подарување на храна, „Дај, не фрлај“ е строго против подарување на нешта кои имаат рок, а тука спаѓаат и лекови, козметички препарати итн.

7) Во Buy Nothing Project многу почесто се позајмува, отколку што се подарува и исто така почесто се водени од симпатични и креативни идеи (пр: „Позајмете ми вага да го измерам патлиџанот кој сам го одгледав“).

8) „Мислам дека основната разлика е тоа дека нашето движење потекнува од сиромашна земја, како и од поранешна социјалистичка земја, и со тоа имаме различен светоглед,“ додава Бранко Прља. Тие велат дека целта им е: „Градење на заедница, не ослободување од предмети“, додека целта на „Дај, не фрлај“ е „градење на доверба, зашто таа е малку присутна во една земја како нашата, за разлика од високоразвиените земји кои веруваат во способноста на државата да ги заштити и дека нивниот сограѓанин не им мисли лошо.“

9) Според Бранко Прља Buy Nothing Project „се сфаќаат себеси премногу сериозно, за нив пишуваат во The Guardian, имаат издадено книга и се однесуваат како да го измислиле терминот gift economy. Идејата постои уште од 1960-тите години и ниту ние, ниту тие не сме измислиле ништо ново.“

10) За крај, и покрај разликите, можеме да се согласиме – ако функционира и носи среќа, задоволство и добри вредности, не е битно како се вика!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *