Аплоадирање на свеста во серијата “Upload” како вештачки рај или пекол? Зависи колку ви е дебел (крипто) паричникот!

Серијата “Upload” е интересна додавка во универзумот на популарната научно-фантастична уметност. И покрај на моменти аматерската глума и вештачкиот хумор, таа поставува важни прашања. Не толку од аспект на технологијата и футуризмот, колку суштински егзистенцијални и социјални прашања.

Upload (TV Series 2020– ) - IMDb

Серијата зборува за социјалните неправди кои постојат дури и во дигиталната верзија на живот по смртта. Таму прозорците не се од мармалад(о), а куќите од чоколадо, туку книгите имаат само неколку страници, а потоа се празни. Ако сакаш да прочиташ уште, мораш да платиш, т.е. твоите живи роднини да уплатат за тебе. Каква мизерна егзистенција!

Се разбира, како во животот така и во дигиталната смрт, богатите лудо се забавуваат додека сиромашните се замрзнати (токму како закочено видео од интернет) додека не платат. Тие живеат на пониските нивоа и имаат само 2 GB трансфер на податоци месечно кој го трошат само со процесот на размислување.

Но, за тие кои се поснаодливи постои „сивата зона“ каде дигиталните хакери продаваат аватари, ботови, забранети задоволства, вештачки рај, украдени податоци, лажни дигитални лични карти, сеќавања на познатите (Celebrity Memories) – се додека плаќаш во крипто-пари!

Upload season 1, episode 10 recap - the ending explained

Темата на продолжен живот во дигитална форма не е непозната во научната фантастика. Се работи за екстензија на човековата желба за бесмртност, позната уште од најраното познато литературно дело во историјата, Епот за Гилгамеш. Кога зборуваме за користење на технологијата како средство за постигнување на истото, наместо пат во подземниот свет или завои за мумиите, во модерната литература за прв пат се јавува во 1930 година во делото “The Infinite Brain” од John Scott Campbell, приказна во која вештачки мозок ја реплицира личноста.

Други интересни дела вредни за споменување се “Intelligence Undying” на Edmond Hamilton од 1936 и “Izzard and the Membrane” на Walter M. Miller, Jr. од 1951 за човечкиот ум реплициран во машина или за снимка и реставрација на умот како во “The Altered Ego” на Jerry Sohl од 1954. Великанот на научната фантастика Исак Асимов во “The Last Question” од 1956 година споменува „аплоадирање“ мозок. Токму за тој термин зборува серијата Upload.

Се разбира, оваа тема не е неистражена во помодерните филмови и серии, како во филмовите Transcendence (2014), CHAPPiE (2015), во сериите Westworld (2016), Altered Carbon (2018) или на малку поинаков начин во серијата The Good Place (2016) итн.

Во серијата “Upload” дигиталниот рај може да биде пекол, а во вистинскиот свет состојбата не е подобра. Средната класа се храни со 3Д принтана храна, се додека имаат пари да купат тонери, но ако немаат пари тогаш и најдобриот рецепт од Џејми Оливер има вкус на хартија.

Се чини дека вистинската вредност на оваа серија е во истакнување на неправдите во модерниот свет, каде што 1% од популацијата поседува повеќе отколку останатите 99%, а четвртина од светското население живее во услови на екстремна сиромаштија. Се уште чекаме да се појави некој дигитален Робин Худ кој би распоредил дел од тоа богатство на сиромашните, па дури и тогаш богатите би останале богати. На здравје вештачката храна!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *