Господ од машина или „Devs“ ex machina?

Релативно новата научно-фантастична серија Девс (Devs, 2020) е вистинско колаче за умот, се разбира од оние колачиња кои ги јадела Алиса пред да замине во Земјата на чудата!

Дали Devs е всушност Deus, со значење на Господ, ако го читаме по латинската транскрипција? Значењето не е кратенка од „development“, како што рускиот хакер-шпион помисли пред да влезе во машината наречена Devs. Неговиот стереотипен карактер е единствената забелешка, како и пропустот во сигурносниот протокол од страна на тимот на Девс, кој се состои од еден, сеприсутен, човек. Сето тоа се чини како дупка во сценариото, премногу пати видено и, за окото на филмофилите очигледно, интенционално ставено како двигател на дејствието.

Креаторот на Devs, депресивен Тони Старкијански или можеби Илон Масковски карактер, сепак повеќе потсетува на главниот лик од „Малцински извештај“ (Minority Report, 2002), толку длабоко потресен од смртта на сопственото дете што целиот живот, богатството, како и иновацијата на која што работи ја посветува на сопствената загуба и неможноста да ја прифати.

Devs' Creator Alex Garland on Series Finale - Rolling Stone

Во серијата се гледаат „сенки“ на генијалниот Вим Вендерс од филмот „До крајот на светот“ (Until the End of the World, 1991), со неговата машина која ги чита соништата и ги води карактерите во амбисот на нивните души. Соништата не треба да се остварат, зашто најчесто се кошмари!

Мрачната атмосфера, со речиси Линчијанско чувство на тивок и бавен ужас, го вовлекува гледателот во еден свет во кој меланхоличните карактери го туркаат дејството во речиси сигурна пропаст.

Машината околу која се врти дејствието, иако потсетува на Коцката од филмот Cube (1997), но колку и таа коцка да ни се чини непредвидлива и комплексна, нештата кои треба да ги произведе Devs се бесконечно многу пати покомплексни. Впрочем, се работи за квантен компјутер кој има моќ да го симулира универзумот. Или целта воопшто не е симулација, туку креација? Дали човекот си поигрува господ и нужно ќе плати за тоа?

„Deus ex machina“ е сосема соодветен термин за објаснување на серијава. Прво, се работи за машина која има улога на синтетички господ, а второ, изобилството на непредвидливи и ненадејни моменти како двигатели на дејството сосема одговара на целата дефиниција на терминот.

Devs не поттикнува на размислување за моќта на технологијата, која преку тоа што ни помага да станеме повеќе од тоа што можеме, нè спојува и воедно нè оддалечува од нашата човечност. Истовременото постоење на двата пола на спектарот се чини како единствено соодветно квантно решение за серија посветена на квантните компјутери. Дали е тоа така и кои други мисловни и уметнички предизвици носи серијава, останува да процените сами.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *