Нова Година, како конечна пируета во космичкиот танц на Земјата околу Сонцето, пред мелодијата да започне одново

Погледнете го последниот краток извадок од емисијата Star Talk за годинава, со Нил Деграс Тајсон. Ќе научите неколку лекции за разни вселенски појави поврзани со магичниот пат на Земјата околу Сонцето во текот на една година. Ќе дознаете по нешто и за јужниот пол и ритуалот на поместување на обележувачот на јужниот пол кој се случува секоја година затоа што полот се поместил или за тоа како кога стоите на јужниот пол во која и насока да се придвижите, одите на север!

Нил Тајсон не учи дека на 2 јануари 2021 земјата ќе биде во перихел (најблиската точка до Сонцето), а сепак на Северната хемисфера денот ќе биде (речиси) најкраток и (веројатно) ладен, зашто како што знаат и малите деца (а би требало и рамноземјаните) – аголот под кој Сонцето ја загрева површината на Земјата е околу 26 степени – што е недоволно да ја стопли.

И така секоја година астрономските феномени се повторуваат, а годинава имавме едно интересно (и прво такво од 1226 година!) космичко порамнување на Јупитер и Сатурн. Вселeната си тера по незините циклуси и не се грижи за нашите проблеми и пандемии, училишни полугодија или природни непогоди, државни или „комшиски“ спорови.

Она што можеме да посакаме во следната година за нашата држава е повеќе да се грижиме за околината, зашто без тоа нема да имаме иднина, независно од сите напори кои ги вложуваме. Тимот на Арно годинава направи една многу битна книгичка за нас која би сакале да ја има во секој дом. Ви подаривме бесплатна електронска верзија, но и отпечативме скромни 200 примероци кои наскоро ќе ги има по сите книжарници во Скопје по симболична цена. Ако во иднина некоја компанија посака да биде општествено одговорна може да ни помогне со печатењето, а ние ќе бидеме среќни книгичката да стаса до многу раце.


Би сакале исто така повеќе да се грижиме, како држава, но и индивидуи, за уметноста, зашто без уметноста светот е механички и здодевен, но и за науката, зашто со неа вселената има повеќе смисол. Да гледаме добри филмови и да читаме квалитетни книги. Помалку турбо-фолк и „сапунски“ серии, повеќе суштинска грижа за луѓето околу нас и за човекот во нас. И се разбира здравје, љубов, мир, успех и сите убави нешта кои стереотипно звучат, но без нив животот е нецелосен.

Се „читаме“ во следната година – нека е за арно!

Merry Neilmas Neil Degrasse Tyson Christmas Digital Art by Filip Schpindel

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *