Нова книга на Бранко Прља – „Брадосани хипстери во карирани кошули се подготвуваат за зомби апокалипсата“!

Бранко Прља се појавува со ново дело, како и многумина автори на денешнината инспириран од пандемијата и изолацијата. Сепак, неговата почетна теза е дека луѓето на нашите простори веќе три децении живеат во изолација, и како такви се своевидни „експерти“ на тематиката.

Авторот тргнува од таа позиција и го споделува неговото искуство, научените лекции и совети како да живееш исполнет живот во ограничувачки услови.


Комбинација на исповедна проза, есеи и книга за самопомош која  го става авторот помеѓу тројцата великани Паоло Куелјо, Дипак Чопра и Антони де Мело во улога на 13-то прасе! Помеѓу редовите на книгата се чита токму таа филозофија на неприпаѓање на авторот, чувство на изместеност во просторот и времето, судбините на ликовите кои лебдат помеѓу спротивностите како капитализам и комунизам, религија и наука, смисла и хаос, планирање и неможност да се направи план. Се чини дека целиот свет денес е затечен во една таква контрадикторна позиција, кога најсигурното нешто што го знаеме е дека „не знаеме ништо.“

Авторот признава дека во подготовката за книгата прочитал десетици книги на т.н. „preppers“. Овие луди брадосани „реднеци“ во карирани кошули, кои цел живот се подготвуваат за катастрофа, во денешно време се чинат единствените нормални луѓе на планетава. Сепак, на авторот ниту една од овие книги не му се чинела соодветна за нашето поднебје и тој се обидува да ги помири општите и глобални знаења со спецификите на нашата историја и битисување (заглавеност) помеѓу сферите на историјата и иднината. Освен тоа, според авторот, во тие книги малку се зборува за психичкиот стрес и како луѓето да се справат со него.

Социјалистичката естетика на книгата се чини дека алудира на затвореноста која била карактеристика на комунизмот и врз таа основа писателот гради една историска слика на овие простори која како метафора се пренесува во денешнината.

Дел од опремата потребна за зомби апокалипсата?

Се чини дека тоа битисување треба да доведе до подлабоко разбирање на сегашноста, како во делото „Моќта на сегашниот момент“ на уште еден „мастер“ на филозофијата на самопомош, Екхарт Толе. Се чини дека тој алудира на птицата од романот „Остров“ на Алдоз Хаксли која ги потсетува жителите на значењето на сегашниот момент со извиците: „Внимание! Тука и сега, дечки! Тука и сега!“ За жал, нашата заглавеност во изолацијата која трае 30 години доведува повеќе до чувство на немање иднина, отколку до слободата на живеењето во мигот.

Кои се научените лекции?… прочитајте во извадокот од книгата „Брадосани хипстери во карирани кошули се подготвуваат за зомби апокалипсата“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *