Аудио книга „3 минути и 53 секунди“ на Бранко Прља (Берт Стајн)

Од денес на Самоглас можете да ја слушнете аудио верзијата на книгата „3 минути и 53 секунди“ од Бранко Прља (Берт Стајн), која беше во финале за наградата „Роман на годината“ за 2015 година на Утрински Весник.

За романот имаше позитивни реакции од критичарите и публиката. Оливера Ќорвезироска, писателка и литературна критичарка, рече дека се работи за „вистинско освежување (во најубава смисла на зборот) на македонската книжевност“.

Игор Анѓелков, издавач, писател и филмски критичар за книгата рече: „Одамна не ме треснало нешто вака, бидејќи како да го читам сопствениот историјат во Скопе, преку залудноста на градов, дремењето, бесперспективноста итн, итн, низ сето она низ што поминавме во 90-те, секако, со слушање еден куп фина музика која ни го менуваше животот и колку-толку не одржуваше во живот.“

„Книжето 3’53’’ (само според формат, нели:) го голтнав на екс… и некако се препознав во пола од страниците. Топ е формата и стилот!“ рече Петар Младеновски, музичар, радио-водител и фронтмен на бендот Суперхикс.

Владимир Карер, долгогодишен соработник на авторот изјави: „Верувам во книгата – ремек дело е! Книгата е многу добра и треба да се преведе на англиски. Има огромен светски потенцијал да биде во колекцијата на NYTimes или Newyorker. 3’53’’ има приказни колку за 10 книги. Многу од нив се емотивни без разлика дали ги чита Американец, Кинез или Грк. Уникатна животна приказна. Претпоставувам дека не си ни свесен дека си ги собрал сите можни сценарија за филм во едно.“

И навистина, во 2019 година, книгата излезе на англиски јазик, а сега во 2020 можете да ја слушнете и во аудиоверзија на Самоглас, или со симнување на нивната мобилна апликација, каде има и многу други интересни книги на македонски јазик. (Интересен факт: Иако аудио поглавјата не траат 3 минути и 53 секунди, колку што би требало според концептот на книгата, сепак целата аудио книга трае 3 часа и 5 минути, што е интересна коинциденција).


Бранко Прља е автор кој објавува речиси 20 години и има многу изданија, кои откако настапи пандемијата ги постави на интернет за бесплатно читање.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *