Платформата за аудио книги „Самоглас“, достапна и како мобилна апликација!

Тимот на Самоглас, со огромно задоволство ја споделува една од најважните вести за нив, годинава. Од пред некој ден, мобилната апликација на Самоглас е веќе пуштена во употреба. Корисници на Андроид можат да ја најдат на следниов линк: https://cutt.ly/phONkf0, корисници на Епл на: https://cutt.ly/LhONlXR.

Во рамки на проектот „Самоглас – мобилна апликација“, работен со поддршка на Владата на РСМ, беше распишан конкурсот „Слушни ја својата книга“ на кој  македонските автори имаа можност да ги приложат своите дела за од нив да се изработат аудио формати.

„Добивме 95 книги, комисијата ја имаше тешката задача од нив да избере четири. „Двоумење“ на Ива Дамјановски во интерпретација на Васко Костовски и „Модри фантазии“ на Снежана Стојчевска во интерпретација на Ирена Мирческа се веќе достапни на веб и мобилната платформа. Оваа среда ќе имате можност да ја чует „Кога заминав од „Карл Либкнехт““ на Лидија Димковска, прочитана од Лазар Христов и последното дело за оваа година – „3 минути и 53 секунди“ од Бранко Прља со гласот на Мартин Манев.“ – вели Христијан Поп-Симонов

„Нашата цел оваа година, беше да го актуелизираме аудио форматот и да го доближиме до луѓето. Забележавме огромен раст на бројот на корисници за време на најрестриктивниот полициски час. Иако често зборувавме за креирање на мобилната апликација, тоа беше доволен поттик за да почнеме со реализација. Годинава ја завршуваме со над 6000 регистрирани корисници и над 50 аудио изданија и не би можеле да бидеме позадоволни.“ вели Васко Костовски

Користењето на веб платформата и мобилната апликација е во целост бесплатно. Доколку се уште се немате регистрирано, може да креирате кориснички профил за помалку од 30 секунди на www.samoglas.mk или преку симнување на апликацијата и да уживате во аудио библиотеката.

„Изреализиравме многу проекти, остваривме прекрасни соработки со автори, издавачки куќи, организации, дури добивме и награда за нашите ангажмани, но ништо од тоа немаше да биде возможно без Петар Антевски кој се грижи за целиот изглед на Самоглас и Мартин Тасевски, нашиот софтверски инженер. Во јануари земаме заслужен одмор, а идната година очекувајте лектири и уште дела од македонски автори.“, вели Ангела Стојановска

За сите оние кои сакаат да се во тек со Самоглас, можете да ги следите нивните официјални профили на социјалните мрежи Facebook и Instagram.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *