„Гилгамеш против Супермен“ или „за тоа како Месопотамија ја измислила Западната цивилизација“.

Кога се зборува за Западната цивилизација честопати се потенцира еленистичкото влијание на целата Западна мисла. Тука честопати се забораваат влијанијата од блискиот исток, цивилизациите кои вирееле околу реките Тигар и Еуфрат (проверете во учебниците по географија за точните топоними).

Ако одиме подалеку ќе ги откриеме и влијанијата на раните египетски мислители, астрономи и градители, како и на прастарата кинеска, а дури и индиска филозофија и практика. Европоцентризмот е нешто што во времето на ренесансата било градено со речиси фанатичка предаденост, да се докаже дека се што вреди на светов потекнува од нашиот континент.

Но, ако истражиме подлабоко ќе откриеме корени кои продираат длабоко и широко, на сите страни под градбата наречена „Европа“. Веќе пишувавме за ова во нашата книгичка „Made in China“, а сега ви ја претставуваме следната книгичка во подготовка од серијата едицијата Фактопедија, наречена „Гилгамеш против Супермен“ или приказна „за тоа како Месопотамија ја измислила западната цивилизација“.

Во книгичката се обработуваат повеќе теми како изумите тркало, брод, плуг, писмо, астрологија и астрономија, мапирање, урбана цивилизација, математика, пари, мерење на време, игри на табла, пиво, сапун, наводнување, печат, закони, библиотека, како и првиот супер-херој! Се ова се дела на цивилизацијата од Месопотамија.


Тркало (4200–4000 пне.)

Првите тркала биле кружни парчиња тврд материјал на кој Кременко и Каменко би биле горди, а денешните производители на гуми би се посрамиле од нив, додека механичарите веднаш би ги пратиле таквите возила на центрирање предница. Најкул фраерите од тогашна Месопотамија и Европа „дрмале“ на нерамни тркала како да е 3.500 година пне!

Не е познато дали свиркале по локалните моми додека поминувале покрај нив, но дефинитивно го користеле изразот „kwekwlo“, што на прото-индоевропски значи, а и звучи како, „тркало“. Сепак, првите фраери всушност биле грнчарите кои го вртеле грнчарското тркало како диџеите од една друга ера кога се „скречале“ плочи, кога конечно по 300 години на некој му текнало да стави оска и останатото е историја.

Иако тркалото го олеснило и го забрзало транспортот, сепак и тоа не е совршено, бара рамен пат и се заглавува во кал, додека камилата работи на сопствен погон и не се прегрева. Но, ајде покажете ми камила што прави грнчарии, меле брашно или наводенува обработливи површини независно од тоа колку вода има во грпката!

Спиците (дрвените штици од осовината до работ на тркалото) биле измислени околу 2.000 г. пне. на денешен Сибир, а 1.000 години подоцна и железниот обрач (на радост на пиварите и винарите). И така се тркалале работите до 1870-тите и до изумот на железните спици и на пневматиците, но тоа е веќе друга приказна!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *