Држењето настава со маска е исцрпувачки!

Уште од почетокот на дискусијата за наставата се залагавме за онлајн наставата за сите, како единствено правилно решение. Оваа настава, според нас, треба да се извршува од дома. Исто така, треба да им се даде право на избор на сите наставници.

Со последната одлука на МОН се чини дека тоа право конечно ќе се оствари. Но, тоа што е проблематично е дека изборот не се остава само на наставниците.

Држењето настава од училиштата е проблематично од повеќе причини, меѓу кои и заради тоа што наставниците мораат да носат маски. Дополнителен проблем е греењето на училиштата. Веќе пишувавме текст за тоа, каде што посочивме дека повеќе од 90 проценти од училиштата во Македонија се греат на нееколошки горива. Освен тоа, се работи за непотребен трошок за општините.

Но, се поставува прашањето колку е ефикасно држењето на часови со маска и колку тоа ги исцрпува наставниците? Би можеле да ги прашаме физичарите: колку енергија троши еден наставник ако држи настава од училница, зборува без престан 6-7 часа со маска, со куси паузи?

Одговорот би можел да биде дека возрасен човек троши 50 калории на час при зборување. Но, тука не се земаат сите фактори во предвид. Наставникот не зборува, туку зборува гласно, а често и вика, за да го одржи вниманието на децата, особено при онлајн настава, кога не се знае кој слуша настава, а кој паралелно игра игри.

Според одредени истражувања при побрзо и гласно зборување се троши 20 пати повеќе кислород. Таквиот податок зборува за забрзаниот метаболизам во клетките, но не треба да заборавиме дека наставникот не смее да ја вади маската за целото времетраење на наставата (според препораки од СЗО), што значи дека нема паузи, нема јадење и нема пиење!

Бидејќи немаме објективни мерила се што ни останува се субјективните искуства. Обичниот човек не може да го разбере ова без да го проба. Според искуствата споделени во групата Наставници за онлајн настава, држењето настава со маска е исцрпувачки и наставниците после тоа се чувствуваат како да пешачеле по пустина. Ако не верувате, позборувајте со наставниците, ако ги прашате можеби ќе го споделат нивното искуство со вас.

Но, за жал, по нашите социјални медиуми, пред се Фејсбук, како кралот на јавното мнение во Македонија, се гледа дека јавноста има одбивен став кон наставниците. Според нив, тие само сакаат да се извлечат од работа. Тоа што јавноста не го знае дека работата го следи наставникот каде и да оди.

Општество кое не си ги почитува наставниците не го почитува знаењето, напредокот и идните генерации.


Да не заборавиме дека целта е да се заштитат луѓето, а тоа подразбира – сите кои можат да работат од дома да го прават тоа! Работата од дома ќе овозможи наставниците да предаваат без маска, а децата да добијат поквалитетна настава, училиштата нема да се греат и ќе се заштедат финансиски средства кои се толку многу потребни во овие услови.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *