За металските маици, поп-културата, турбофолкерите и Селин Дион

Каква врска има металската музика со поп-музиката, или турбо-фолкерите со Селин Дион? Наскоро ќе дознаете, но да почнеме од почеток.


Во 1989-та моите училишни тетратки беа исполнети со имиња на металски бендови како Slayer, Kreator, Metallica, Dio, Tigers Of Pantang, ACDC, Saxon, Judas Priest, Motorhead, Def Leppard… некои ги сакав, а други имаа навистина кул логоа!

saxon « Tiled Desktop Wallpaper

Се разбира детето не знае што значат сите тие симболи, и во основа тие имаат одредена уметничка убавина и геометрија. Пентаграмот кога не е превртен е симбол на хармонијата, човекот и дугот, петтиот елемент, свастиката е прастар индиски симбол на добрата среќа и добросостојбата, а превртениот крст е анархистички симбол на борбата против воспоставени вредности и норми, симбол на индивидуализмот. Ѓаволот е паднат анѓел, а костурот симбол на минливоста, пеколот нè учи на морал итн. Дали детето го знае дуализмот на нештата, како што нè учат сите овие антички филозофии? Се разбира дека не, но верувам дека го чувствува длабоко во себеси.

Тогаш на пазар налетав на неколку мали пришивачи од Iron Maiden, Metallica и еден голем, за на грб, од Kreator. Последниов, германски треш метал бенд, не го слушав толку многу колку Metallica или Anthrax, но логото и илустрациите им беа одлични – морав да го земам! Башка, демонот од сликата изгледаше застрашувачки, дури и повеќе од маскотата на Iron Maiden – Eddie, а подоцна дознав дека е инспириран од сликите на средновековниот дански сликар Хиеронимус Бош, којшто живеел 400 години пред Салвадор Дали, а бил вистински надреалист!

Креатор, Дали и Бош, какво трио!


Да, во 1980-тите металците носеа „пришивачи“ врз тексас јакните. Еден голем на грбот, неколку на ракавите, предните џебови и под нив, колку сакаш. Не знам од каде потекнува оваа култура, веројатно од моторџиските банди, но мене ми беше кул и се подразбира дека заради овие пришивачи еднаш бев нападнат и ограбен, а два пати ќе ми ги скршеа забите, во една прилика од страна на бесна толпа деца на новопечени транзициски богаташи кои палеа дневници, a во друга од турбофолкери во летен камп за деца.

Генерално општата популација ги гледаше металците како валкани, некултурни, слаби ученици и бељаџии, во нивните очи тие ги поминуваа деновите во дување лепак и обележување на кожата со жилет или цигари, или пак во правење сатанистички обреди. Ништо од ова не беше вистина. Металците навистина беа фанатици, но само по музиката која ја бранеа со сите децибели на дисторзираните рифови и пеењето, независно дали е рикање или врескање.

Сите наши пришивачи и маици со металските бендови како Metallica, Black Sabbath, ACDC, Slayer, Motorhead, Pantera, Iron Maiden или помеките Led Zeppelin, Rolling Stones, Guns N’ Roses денес се дел од популарната култура и често ги носат луѓе кои не ги слушаат овие бендови, немале, ниту ќе имаат допир со металската и рок супкултура, не биле исмевани дека „металците не ставаат дезодоранс, зашто сакаат да смрдат“ и никогаш не носеле долга коса за да можат да ја тресат главата на Ride The Lightning, The Killers или Highway to Hell, албуми кои често се наоѓаат на маиците на овие позери.

Celebrities Wearing Metal Shirts As A Fashion Statement | Metal Amino

Се разбира, ако омотите на албумите на металските и рок бендови ги сметаме за уметност, тогаш нема зошто да се противиме за тоа што некој мисли дека овие маици се кул, иако не ги слуша бендовите. Можеш да ја почитуваш „Мона Лиза“ на Леонардо Да Винчи или „Ѕвездената ноќ“ на Ван Гог без да ја знаеш историјата на италијанската ренесанса или на францускиот импресионизам. Но, ако ја носиш маицата само затоа што парчето облека добро ти се вклопува со очилата или кондурите, или сакаш само да изгледаш кул, тогаш тоа веројатно е грешно.

Таквите маици порано тешко ги наоѓавме, ни ги носеа од странство или ги купувавме по концерти и можеби во Југотон, Баги Шоп, или Поп Шоп, продавничка за касети после Нова Железничка или Инфлуенс во Лептокарија. Изборот денес е секако поголем, чичкото од Алиекспрес за 5 долари принта сè, од Cannibal Corpse до Celin Dion, а според најновиот тренд, може и мешавина од двете!

Celene Dion Metal Shirt | Metal t shirts, Metal shirts, T shirt

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *