Дај да ги пренамениме во привремени болници сите оние напуштени објекти на Водно!

Колку средства треба да се опремат напуштените државни објектите на Водно за лекување и престој на пациенти со влошена белодробна слика како последица на Ковид-19? Колку време (имавме) за сето тоа и дали е добра идеја!?

Со оглед на воздухот во Скопје и зголемените бројки на компликации и смртност се чини “no brainer”, но кај нас се потребни години да се поправи една дупка на улица, а не да се изгради болница.

Објектите се напуштени и демолирани повеќе од 4 децении, но ако државата ги мобилизира средствата верувам дека може да се средат и опремат во краток рок (а можело и до сега).


Уште од одамна се зборува за Детското одморалиште на Водно или поштенскиот хотел, каде пропаѓаат и значајни дела на истакнатиот македонски сликар и муралист, Борко Лазески.

Но, да ја заборавиме уметноста за момент, да ја заборавиме и економијата, практичноста или бескрајните кафкијански ходници на донесувањето одлуки и спроведување на овие нешта во реалност и да се потсетиме дека сме во војна со еден непредвидлив и невидлив непријател и дека треба да ги мобилизираме сите средства.


Државата нека ги ослободи од данок, нека им даде работа и нека ги финансира градежните фирми, добавувачите на медицински помагала, мајсторчињата и мајсториштата со парола – „Им требате на вашите сограѓани, веднаш!“ Да им обезбедиме чист воздух и полесно опоравување на болните, а каде подобро отколку на Водно? Вирусот е страшен, а во комбинација со отровниот воздух во Скопје – стравичен!

Би го завршиле овој мал “rant” со еден извадок, од култната киберпанк книга „Неуромансер“ на Вилијам Гибсон, кој како да е пишуван специјално за нашиот град:

„The sky above the port was the color of television, tuned to a dead channel… Beyond the neon shudder of Ninsei, the sky was that mean shade of gray. The air had gotten worse; it seemed to have teeth tonight, and half the crowd wore filtration masks.“

William Gibson's Neuromancer: A Novel Ahead Of Its Time — CyberPunks.com

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *