Колку беше различен животот пред интернетот?

Некои од вас го паметат времето пред интернетот, кога читањето книги, наоѓањето добра музика, филм или забава не беше толку лесно и достапно со еден клик. Се чини покомплицирано, но тоа беше време на помалку избор, поедноставен и, по многу нешта, посреќен живот.

Музика

Кога сакаше да слушнеш нова песна мораше да ја снимиш од радио – на касета! И ја преслушуваше до излижување или најчесто до гужвање. Ако ти се изгужва или скине лентата, касетата се разбира не ја фрлаше, туку го сечеше изгужваниот дел и ја лепеше лентата од внатре. Но, тоа беше пред времето на изобилство, пред терминот „реупотреба“, кога работите навистина се употребуваа додека не се искршат, излижат и испукаат сосема. Можеше и да разменуваш касети со другарите или да тркнеш до продавница за касети.

Книги

Постоеше едно магично место каде ги имаа (речиси) сите книги, а тоа се викаше библиотека. Секоја локална библиотека можеше да заврши работа, а тие со поегзотични вкусови мораа да се упатат во Универзитетска библиотека. За понови и странски книги се користеа книжарниците, кои за среќа се уште функционираат. За истражување се користеа библиотеки, енциклопедии, муабет со постари и попаметни луѓе, како и CD-а кои мораа да се инсталираат на компјутерите како Енкарта или Енциклопедија Британика.

How to Beat the Impossible Freecell Game

Забава пред компјутер

Пред интернетот дигиталната забава се состоеше од Solitare, Freecel или Minesweeper. Генерации транзициски (не)работници поминуваа часови во усовршување на вештините во овие три игри и со брзина на денешните гејмери се префрлуваа од Пасијанс на Word работен документ напишан со „МацЦСњисс“ или „МацЦТимес“ во случај на појавување на некој на вратата од нивната канцеларија сместена во некоја барака со задолжителниот фикус во аголот од просторијата. Кога ќе завршеше посетата тие се враќаа на зелениот екран и картите кои по завршената игра магично рипаа на екранот во знак на радост. Време е за нова партија.

Игри

Тетрис, гејмчиња, Зеикс Спектрум, Комодор 64… во тоа време мораше да бидеш и по малку програмер ако сакаше да играш игра на компјутер. Ставаш касета во касетофон, па Load, па насловот на играта, па enter, па чекаш дали ќе се вчита играта со звуците од пеколот. Графика на која и Minecraft може да и се подсмева денес, неколкуте коцкички кои наликуваа на Чича Глиша требаше да претставуваат човек.

Preserving Old Family Letters - MyHeritage Blog

Писма

Замисли наместо да пишеш на некој порака или имејл и да добиеш одговор веднаш, да мораш да напишеш писмо на лист хартија, го ставиш во плико, отидеш во пошта, да ти залепат поштенска марка и потоа писмото е на пат. Додека чекаш со денови или недели да добиеш одговор во меѓувреме времето се сменило, си запознал нови луѓе, си паднал на еден испит, а си положил друг или си сменил работно место, а некаде во светот почнала војна, избил пожар, се родиле илјадници бебиња, твојот тим победил во еден меч и твојата омилена песна не е веќе хит… Тогаш добиваш одговор и читаш дека некоја од твоите реченици (очигледно битна за тебе) не била разбрана. Додека се разберете минува цел месец, а во меѓувреме…


Има уште многу работи, но најбитната разлика е дека не постоеја селфија зашто ако не можеш да го постираш селфито тогаш тоа е само една глупа фотографија на која си се сликал самиот себеси, наместо со друштвото или семејството.

One thought on “Колку беше различен животот пред интернетот?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *