Нов филм за Никола Тесла, пронаоѓач, Србин роден во Хрватска. (Бугарија да си земе тефтерче и да запише!)

Ако се уште не сте го гледале новиот филм за Никола Тесла, „имагинативно“ наречен „Тесла“ со Итан Хоук во главна улога, не мачете се да го гледате! Наместо тоа погледнете го филмот Тајната на Никола Тесла (The Secret of Nikola Tesla) од 1980 година, кој секако не е холивудски хит, но е историски многу поточен и поквалитетен од гореспоменатиот.

Како фан на Тесла, и автор на една книгичка со необични факти од животот на Тесла, бев изненаден од некои факти кои не ми беа познати, а ги дознав од филмот Тајната на Никола Тесла.

Во филмот е опишана Војната на електричните струи, помеѓу Тесла и Едисон, платонската љубов помеѓу Тесла и Кетрин Џонсон, сопругата на Роберт Џонсон, уредник на магазинот The Century и човек кој му помогнал на Тесла да се запознае со некои од најзначајните инвеститори и мецени на неговото научно дело.

Самиот Тесла има напишано статија во неговиот весник „привлечно“ насловен „Проблемот на зголемувањето на човечката енергија“ во кој Тесла го открива својот гениј не само на научен начин, туку и како еден природен филозоф и мистик, но и како ексцентрик со изјавите дека примил сигнали од Марс.

Talking with the Planets" by Nikola Tesla (1909)

Познато е дека Роберт Џонсон го молел Тесла да ги тргне тие сомнителни изјави од текстот, но Тесла, во согласност со неговиот тврдоглав карактер кој на некој начин и ќе придонесе за неговата пропаст, одбил. Прочитајте го текстот тука.

Во филмот Тајната на Никола Тесла особено е интересно епизодното појавување на Орсон Велс во филмот, во улога на Џ.П.Морган, еден од најзначајните банкари и финансиери во САД во тоа време, што меѓу другото сведочи и за силата и квалитетот на југословенската кинематографија од минатото.

За жал, иако филмот Тесла беше очекуван со нетрпение од фановите, тој не ги задоволи нивните критериуми. Кој знае, можеби токму заради преголемите очекувања.


За крај – една сосема ненаучна, но вистинита историска забелешка:

Никола Тесла е роден во Смилјан, Лика (некогашна австро-унгарија, денешна Хрватска), а меѓународно е признаен како Србин. Двата народи (Србите и Хрватите), иако војувале низ вековите (последен пат пред само 15-тина години) и имаат идентичен јазик, никогаш немале проблем со тоа да се сметаат за два засебни народи, Хрватите не го прогласувале Тесла за нивен научник, ниту Хрватска (членка на ЕУ) и правела проблем на Србија за јазикот.

Бугарија би требало да научи нешто од тоа и воедно да го повтори училиштето по толеранција и цивилизациски напредок, наместо да ја влечат нашата земја во црните дупки на минатото. Меѓу другото, Македонија (а секако не Бугарија) била, и се уште е, пример за меѓуетничка толеранција и разновидност на Балканот, so deal with it, Bulgaria!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *