Сите сме лудаци!

По повод серијата „Ratched“ (2020), заснована на ликот на сестрата Речет од филмот „Лет над кукавичкото гнездо“ (1975).


Веројатно не постои човек кој го гледал филмот „Лет над кукавичкото гнездо“ и останал рамнодушен. Ако има таков, неговото место е веројатно во ментална институција, заедно со ликовите од овој филм.

Заснован на истоимената книгата на Кен Кеси, еден од предводниците на Бит движењето во 1960-тите години во САД, како и пропонент на употребата на психоделичните дроги за проширување на границите на индивидуалното спознание, но и како алатка за општествена промена.

Критичарите на филмот честопати расправаат што е подобро: ликовите, приказната, пораките, актерската екипа или режијата, но сите се сложни во едно – станува збор за проклето добро ремек-дело!

One Flew Over the Cuckoo's Nest (1975) - DVD PLANET STORE

Џек Николсон владее на екранот со неговата позната, по малку лудачка и како таква сосема соодветна за филмов, насмевка. Но, и другите ликови импонираат, особено ликот на Били, младиот, суицидален и во себеси несигурен лик и неговата контрол-фрик мајка (отелотворена во ликот на сестрата Речет), која стои како сенка над неговата егзистенција, слично како ликот на таткото на Моцарт во уште едно ремек-дело на режисерот Милош Форман – „Амадеус“.

Тука се и Дени Де Вито како Мартини, ситен и детски искрен, граничен случај на ментална ретардираност, Поглавицата, физички крупен како планина, ментално ситен како глушец, ликот на интелектуалниот сноб Дејл или другите секојдневни фрикови.

Како што вели ликот на Џек Никлосон:

“You’re no crazier than the average asshole walking around on the streets!”

и во таа реченица се чини како да е сумирана целата идеја на книгата/филмот.

Се разбира, работите не се толку едноставни, режисерот се занимава и со некои пропратни идеи и можеби во тоа е единствената слабост (според раните критики на могулот на филмската критика Роџер Егберт) на овој филм. Секако, тука е и идејата дека сите ние сме затвореници на еден несовршен свет кој се обидува да нè зароби со неговите правила кои се направени како за мали деца кои треба да се потчинат на возрасните (системот, менталната институција, општеството) и дека сите сме само кукавици и слабаци кои немаат храброст да се спротивстават.

Единствениот кој има сила да го направи тоа, семоќниот Џек, покрај краткотрајната инспирација за групата во целина, не успева да се ослободи од кафезот (гнездото) и заради неговиот слободен дух станува жртва.

The History of Inhumane Mental Health Treatments | Talkspace

Во филмот се гледаат и почетоците на анти-психијатриското движење заради користењето на нехуманите методи како електрошокови и лоботомија како легитимни научни методи за справување со „менталната болест“.

Комедија, драма, трагедија, во филмов има по малку од сè, и крајот е слатко-горчлив, како и во вистинскиот живот, нема победници, сите сме губитници во оваа игра наречена живот. Поглавицата е единствениот кој собира сила да се ослободи од кафезот, додека другите го гледаат неговото заминување во маглата, која наговестува дека светот надвор, во несигурноста, е пострашен од светот внатре – и заради тоа повеќето бираме да бидеме затворени и сигурни, отколку да бидеме изложени на елементите. Но, ако не се изложиме, никогаш нема ни да бидеме вистински слободни.

Nurse Ratched is the perfect movie villain – and the perfect stereotype

Тоа нè доведува до ликот на сестрата Речет, која е оркестратор на оваа мала симфонија на лудаци, таа диригира толку вешто со оркестарот на нејзините послушни пиончиња, што внесувањето на новите непредвидливи free-jazz импровизирани ноти во нејзината elevator-muzak предизвикува низа настани кои доведуваат до трагедијата. Со исклучок на вистински ментално болните пациенти, од нејзиното однесување можеме да заклучиме дека таа е единствениот вистински социопат во малата група лудаци.

На таа теза се темели и новата серија заснована на нејзиниот лик. Останува да видиме дали модерната кинематографија може да парира на генијот на Милош Форман и најважното прашање, дали некој ќе може да ја надмине Louise Fletcher во улогата на сестрата Речет.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *