Што мислат наставниците за новата Платформа за учење од далечина?

Членовите на групата „Наставници за онлајн настава“, во изминатите денови ги споделија нивните ставови (од обуката) за Националната платформа за учење од далечина.

Предностите и предизвиците на платформата

Како портал кој ја следи состојбата со образованието од поодамна и од блиску, преку контакт со наставниците и нивните искуства, желби, поплаки и ставови, ми се чини дека формиравме доста јасен став во однос на тоа каква треба да биде наставата од октомври.


Нашето мислење е дека наставата треба да се одвива онлајн и тоа го имаме поткрепено во повеќе наврати со студии од земјава и од странство, преку факти и искуства. Драго ни е што Владата, МОН, СОНК, комисијата за заразни болести и други надлежни органи, по месеци расправии конечно го поддржаа нашиот став, како и ставот на многу граѓани, професионалци и наставници.

Се разбира, онлајн наставата има и предизвици и лично се имаме соочено со некои од нив, преку организирање акции за подарување технички помагала за следење на истата преку нашите групи како „Дај, не фрлај“, како и апелирано преку нашиот и други медиуми за поголема инволвираност на МОН, општините и приватните компании за обезбедување на истите.


Нашата замерка беше и остана дека наставниците беа малку инволвирани во целиот досегашен процес и расправиите околу тоа каква треба да биде наставата. Некако се заборави дека тие се носители на образовниот процес, а не училиштата како физички објекти или синдикати, сојузи и други тела кои и самите наставници (најчесто) не ги признаваат.

Се разбира, изработката на националната платформа за учење од далечина е чекор за пофалба, иако требаше да биде изработена порано, но подобро некогаш отколку никогаш, нели!

Во групата „Наставници за онлајн настава“ ги прашавме наставниците како се задоволни од обуката за оваа платформа и нивните одговори беа претежно позитивни и охрабрувачки.

„Многу ми се допаѓа колку можности нуди платформата (и во редовни услови). Среќна сум како наставник што ја имам како ресурс.“ – Анета Придаенкоска

Повеќето од наставниците беа пријатно изненадени од платформата, а Анета Придаенкоска, еден од членовите на групата, која била обучувач на други наставници, коментираше: „Многу ми се допаѓа колку можности нуди платформата (и во редовни услови). Среќна сум како наставник што ја имам како ресурс. И како наставник и како родител. Во 25 години стаж ова е најдоброто нешто што го имам за работа. Многу ме радува“

Во врска со стравовите на постарите колеги кои традиционално имаат проблеми со новите технологии, една членка дополни: “ Треба малку вежбање но не е тешко, само треба да ни стане рутина. Патем многу ми пречи кога некои колеги својот страв од платформата го правдаат со тешкотии кај наставниците пред пензија. Имам три години до пензија и добро ми оди, и уште еднаш ќе кажам прв пат во образованието да се случи вака добра работа, само би додала- ние постарите научивме многу нешта и поминавме безброј обуки, но ова е навистина нешто посебно, ќе го научиме и ова, а на помладите еден совет, да се одржува затоа што е одличен ресурс.“

Да им се даде право на избор на наставниците од каде да држат настава

Некои од наставниците потенцираа дека и на нив треба да им се даде право на избор, затоа што и помеѓу нив има хронично болни, а во голем дел патуваат со јавен превоз. Ако дома имаат интернет и услови за спроведување на наставата, зошто да не им биде дозволено да ја држат од дома, прашуваат тие, истовремено жалејќи се на слабиот интернет, спорите компјутери и недостаток училници во нивните училишта. Жаклина Свеќаровска на таа тема се пожали дека во нејзиното училиште „Интернетот стопати падна, па некако излезе конфузно. А бевме во група од 15 наставници. Но, за време на настава сме најмалку 40 во исто време. Останува проблемот со обезбедување соодветна техничка поддршка (добар интернет, добар компјутер) за наставниците и за учениците,“ но ја пофали платформата со зборовите: „Одлична е платформата, дава огромен простор за креативност и во исто време е многу функционална.“

Уште една од опциите која не се признава правно и не е популарна во нашата средина.

За комбинираната настава исто така имаше различни ставови, Султана Штерјова рече: „Токму ова ние вчера на обуката го пробавме, зборување под маска со „учениците„ со физичко присуство и следење на другите онлајн. Тешко разбирливо зборувањето под маска за присутните, а камоли за оние онлајн. Мислам дека треба да се има право на избор со онлајн од дома за да не се носат лаптопи од дома до училиште.“

Во врска со практичните проблеми околу креирање линк за настан, со кои се соочија некои наставници, Наташа Дуртаноска Џамбазова рече: „Еден треба да го креира настанот и со линк да ги повика другите. Со време ќе научат сите. Веќе сите имаат корисничко име на платформата и во тој единствен така наречен предмет ОБУКА можат да ги вежбаат можностите… Преку календарот на платформата лесно се прави.“

Наставниците, правилно, се гледаат себеси како носители на образовниот процес, а се чини дека и МОН според последните изјави на Министерката, конечно го препозна тоа.


Благица Блажеска од групата „Наставници за онлајн настава“ се согласува. „Добро е што еве има обид за отворена комуникација меѓу нас од фелата, со желба да ги браниме интересите на децата и нивното право на добар образовен систем.“

Да се биде или не наставник, прашање е сега

Наставниците од март наваму се најдоа во навистина незавидна положба и многу од нив ги премолчеа нивните маки, додека јавноста упорно и постојано ги критикуваше. Неретко ги нарекуваа безработници и дека едвај чекаат да започне училишната година за да можат да седат дома и да не прават ништо. Дури и да имало такви случаи, новата платформа ќе има систем за евиденција, проверка и контрола (во добра, не „1984-та“ смисла на зборот:)

Сепак, за сите оние кои се уште имаат сомнежи во наставниците, прочитајте ги зборовите на Султана Штерјова, искусен просветен работник, кои ги напиша како коментар на една објава во истоимената група. Го пренесуваме коментарот во целост, затоа што сметаме дека ќе ги отвори очите на многу скептици.

„Не пратија дома на 2 недели буквално без ништо, а не се вративме до јуни . Никој ништо не ни кажуваше се снаоѓавме како знаевме и умеевме. Од нашите домови направивме училници, семејствата си ги ставивме во втор план. Дење ноќе работевме, не се штедевме за на крај да читаме само напади и навреди токму од оние за чии деца и фотељи зачувавме. Во јуни едноставно не вратија во училиште да сработиме за неполна седмица се што заостана од администрација. Нашите реакции беа игнорирани, пишувавме дневници, свидетелства, главни книги, примопредаја на учебници за на крај да ни кажат дека сето тоа може да почека до септември. Не бомбардираа со укажувања, промени, во се што тие сметаа дека треба да се промени. Сработивме училишни годишни програми, не натераа уште еднаш со новите укажувања. Сработивме годишни планирања не натераа уште еднаш сега според скратената програма која БРО ја работеше и сработи во форма во која не ни е во функција. Не држеа под притисок те онлајн, те физичко присуство. Кулминација достигна со свој лаптоп онлајн настава од училиште. И кулминација на кулминацијата обука за новата платформа за 3 дена на 2 недели пред почеток на учебната година. Што е многу, многу е.„ И за крај, надополнува:

Имаат среќа што ние, просветните работници сме адреналински зависници, што кога е тешко ние сме највредни, нај ангажирани, не се откажуваме и некако за инат се постигнуваме (никогаш за овие 40 години во образование не доразбрав на кого водиме инат).“

One thought on “Што мислат наставниците за новата Платформа за учење од далечина?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *