Време е за „домашно школување“ во Македонија

Homeschooling (домашно школување) е интересна алтернатива на класичното образование, но за жал, во Македонија таа не постои како правна опција. Групата Homeschool во Македонија се грижи тоа да се смени преку нивните активности и актуелната петиција. За што станува збор?

5 Costs of Homeschooling - Home School Curriculum, Programs & Books

Со децении наназад, претежно од американските медиуми, слушаме за деца кои биле образувани во домашни услови и со почетокот на пандемијата добивме една слична варијанта на таквото образование. Овој систем брзо се покажа како полн со недостатоци, но само заради тоа што беше недоволно организиран. Причините беа различни.

Преку непостоење национална платформа за учење од далечина, до неподготвеноста на дел од наставниците кои не се снајдоа во системот (делумно по вина на училиштата кои ги оставија да се снаоѓаат сами со формирање Фејсбук или Вибер групи), преку генерално неефикасен систем за образование, на кој се жртви и самите родители.

Како родител, уживав во можноста која ми беше дадена да добијам подобар увид во тоа што учат моите деца, и самиот да се запознаам поблиску со феноменот на „Кембриџ учебниците“ кои повеќе наликуваат на сликовници со по една битна реченица на секоја страница и многу практични експерименти за кои нашите училишта не се опремени. Се разбира, учебниците ги прифативме такви какви што се, фалични, и го дополнувавме знаењето од други книги, интернет или животното искуство и знаење кое родителот треба да го има, а детето да го усвои.

Штом Кембриџ вика така | Off
Извор: off.net.mk

Моето лично искуство како родител со учењето од дома е одлично, со децата создадовме план кој го следевме, имавме распоред на активности, па дури и свои алтернативни предмети како историја на филмот, музички жанрови, цитати и биографии на познати луѓе, астрономија… можностите се неограничени. Како човек заинтересиран за едукацијата на младите, модератор на неколку работилници за деца, автор на детски книги, како и на неколку книги со едукативна проза и коавтор на книги со деца, можноста да се запознаам од прва рака со едукативниот процес беше одлична.


Сепак, тоа сум јас, но дали има и други како мене? Се разбира за некој на мои години, главен прозорец во светот е Фејсбук (колку и да ме задеваат децата за тоа), место каде може да се пронајдат луѓе со слични интереси. Така се зачленив во групата Homeschool во Македонија, со 1.000 членови која постои веќе пет години и таму се дискутираат интересни теми за суштината на образованието и тоа како да изградиме младина која е самостојна, скептична, сака да знае и да учи не затоа што мора, туку затоа што родителите кај нив успеале да го задржат природниот импулс кон сознавање на нови нешта кој природно го имаат сите деца, а нашето класично образование успева многу успешно да го уништи.

Скоро групата излезе со петиција за воведување на Homeschooling (домашно школување) во која, меѓу другото, се истакнува:

Бараме во Македонија да биде законски овозможено домашното образование. Во светот досега има успешна и долга практика на ова образование но, кај нас е новина. Сметаме, со оглед на новонастанатата ситуација со здравствената криза, предизвикана од корона – вирусот (COVID – 19), дека ова е погодно време да се воведе и овој модел на школување.

Домашното школување е присутно во многу земји во светот: САД, Русија, Ирска, Словенија, Бугарија, Црна Гора, Австралија, Англија, Нов Зеланд, Канада, и покажува одлични резултати. Во САД овој модел на образование функционира од 1970 година и 1,8 милиони деца годишно се школувани дома, а тоа се 3,4 проценти од целосната ученичка популација.

Децата определени за домашколување можат да учат неоптоварени од секојдневната школска рутина, која не одговара на потребите на секое дете и условите во секое семејство. Исто така, ова образование е погодно и за хронично болните деца и деца болни од секакви други болести и не им одоговара школската средина за учење.

Петицијата завршува со зборовите, со кои наполно се согласувам:

Поддржете не, заради нашите и Вашите деца, затоа што и домот е училиште!


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *