КОВИД-19: Повеќе од здравствена закана за уметниците во Македонија



Занемарени со години, независните уметници во Македонија велат дека пандемијата на коронавирус претставува егзистенцијална закана за нивната добросостојба.

За речиси три децении како фронтмен на македонскиот ска-панк бенд Суперхикс, Петар Младеновски го обиколи континентот, има свирено пред илјадници и споделувано сцени со бендови и луѓе како Manu Chao и Fun Lovin’ Criminals.

Кога Македонија беше во карантин како мерка во борбата против ширењето на КОВИД-19, Младеновски беше во првите редови на иницијативата наречена „Музика – Сега!“ за да ја прилагоди организацијата на музичките настани во живо, да овозможи да се одржуваат понатаму без да го загрозат карантинот и да им помогне на оние кои работат во полето на уметноста.

Но, одговорот на надлежните беше разочарувачки. „Имам чувство дека „креаторите на културната политика“ во оваа земја деновиве не создаваат никаква „култура“, рече Младеновски.

Уметноста во Македонија падна „на колена“, изјави 43-годишниот Младеновски за БИРН, а многу уметници се борат да преживеат.

Неговиот одговор е еден од десетиците на истражувањето во рамките на културната сцена во Македонија чии резултати нудат спротивставени примери за тоа како уметниците се прилагодија на новата реалност, како некои останаа сосема без приходи, додека други успеаја да прифатат нови и иновативни начини за презентирање на својата работа „онлајн“.

„Преодна оценка“

Концерт на Суперхикс со публика од балкони. Фото: Зденко Петровски

Делокругот на изведба и изложување на уметничките работници низ цела Европа беше строго ограничен. Поддршката што ја добиваат од државните каси се разликува од држава до држава, со оглед на тоа што владите ги менуваат своите приоритети за решавање на сериозните економски последици од тековната пандемија. Многумина се жалат дека на уметноста се гледа како на несуштинска, најдолу на списокот на сектори што се сметаат за достојни за државна поддршка во време на криза.

Во Македонија има 141 регистриран самостоен уметник, но има многу повеќе кои се нерегистрирани во уметноста. Само регистрираните имаа право да добијат државна помош од околу 235 евра месечно за месеците април и мај како мерка за намалување на влијанието на карантинот. Тоа е еквивалентно на минималната плата.

Во Македонија, некои културни институции реагираа брзо.

Народниот театар проследуваше стари продукции на YouTube; Музејот за современи уметности организираше онлајн изложби од својата меѓународна колекција, како и филмски проекции; Драмскиот театар и Театар Комедија организираа онлајн театарски претстави; Националната опера и балет организираше онлајн Мајски вечери на операта, додека Кинотеката на Македонија постираше дел од своите публикации на интернет.

„Националната галерија ги замоли уметниците да создадат кратки видеа, некој вид на дневници од карантинот“, рече Ѓорѓе Јовановиќ, со години еден од најистакнатите и најпродуктивни независни уметници во Македонија. „Тоа беше навистина добра иницијатива“.

Но, Јане Чаловски, уметник, активист и претседател на Здружението на независна културна сцена, ЈАДРО, рече дека не секој што работи во уметноста имал корист од мерките воведени од Министерството за култура. Во реалноста, само оние со правен статус на „самостоен уметник“ – доделен од Министерството врз основа на одредени професионални активности – имаа корист.

Сепак, тој ја пофали Владата која меѓу првите во регионот понуди некаков вид на помош на филмската индустрија и на културниот сектор.

„Морам да им дадам преодна оценка“, рече тој за БИРН и додаде дека ЈАДРО ги анкетирала оние кои работат на независната културна сцена и ја прилагодила својата програма за 2020 година, со цел да покаже солидарност со оние кои се најмногу засегнати.

Стравот измешан со надеж

Претстава „Нови мерки, старо пријателство“, организиран за деца за време на пандемијата. Фото: Методија Атанасовски

Летната сезона донесе малку надеж со театарски продукции, концерти, вечери на поезија и изложби речиси секој ден. Но, посетеноста беше ограничена и повеќето места беа полупразни.

Младеновски ја издвои иницијативата Култура во времето на Корона, организирана од властите во главниот град, Скопје, во рамките на која се одржаа десетици концерти на кои учествуваа повеќе од 200 изведувачи и над половина милион гледачи онлајн. Но, тој се пожали дека иницијативата траеше само четириесеттина дена во текот на пролетта и не беше повторена на друго место.

„Прашањето е зошто настани како овие не се случија во другите градови во земјата“, рече тој.

Пандемијата исто така инспирираше голем број книжевни иницијативи.

Предизвик за пишување објавен од издавачкиот центар Три во март резултираше со објавување на книгата Карантински приказни во јуни, во која беа објавени повеќе од стотина автори.

Живко Гроздановски, писател и уредник на „Стожер“, официјалното списание на Друштвото на писателите на Македонија, рече дека писателите исто така се погодени од ограничувањата на пандемијата, но дека се отворени за „новите“ начини за промовирање на нивната работа.

За многумина од оние кои работат во уметноста, станува сѐ потешко да размислуваат за своите дела, кога нивниот живот е во опасност, рече тој.

„Креаторите на културните политики и државните институции можеа да сторат многу повеќе, барем за уметниците“, рече тој за БИРН.

Ваквите погледи се рефлектираат од резултатите од анкетата спроведена во јули на 103 уметнички работници за потребите на оваа статија.

Повеќето изјавија дека нивната продуктивност значително опаднала.

„Уметноста и културата веќе беа на ниско ниво во нашето општество (пред пандемиското ограничување)!“ напиша еден анонимен испитаник.

Друг, професионален музичар, изјави: „Се плашам дека ќе станам бездомник!“

Од друга страна, некои како да ја прифатија новата реалност: „Искрено, сакам да работам од дома“, рече еден испитаник, кој работи со визуелните уметности. „Се надевам дека оваа пандемија ќе ни ја смени перспективата и сѐ повеќе компании ќе им овозможат на своите вработени да работат од дома“.

Друг визуелен уметник исто така изрази надеж за иднината.

„Малку е нејасно што ќе се случи во културата и уметноста, дали креаторите на политиките ќе градат солидарност, дали ќе развијат различни системи, практики и поддршка за културните работници, чекаме да видиме како ќе се одвива сето тоа“, напиша испитаникот. „Сепак, очекувам промени во областа на уметноста со градење на нови начини на производство и нови односи“.


Текстот е објавен во оригинал на англиски за БИРН.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *