Џастин Врен – од ММА борач, преку зависник од дрога, до религиозен човек и борец за човекови права!

Џастин Врен е ММА борач. Тоа значи дека тој е професионален борач во ринг (или октагон) каде за пари се бори со други луѓе.

Но, освен тоа, тој е борец за човекови права. Во својата книга Fight For the Forgotten, тој го опишува својот пат од дете кое било малтретирано на училиште, кон ММА борач за најпознатата боречка организација на светот UFC, кон зависностите од опијати и обидот за самоубиство.

На тој пат Џастин станува религиозен човек, се ослободува од зависностите и доживува визија која го повикува во Африка, во Демократската Република Конго, кај едни од најзлоупотребуваните луѓе на планетата земја, Пигмеите.

Justin Wren, the MMA fighter who found redemption among the Pygmies | Sport  | The Guardian

На своите патешествија Џастин три пати прележал маларија (болест за која се смета дека има усмртено половина од сите луѓе во историјата на човештвото), цревни и крвни паразити и секакви тропски болести од кои за малку ќе починел неколку пати, но не се откажал. Откако ги запознал Пигмеите, нивниот начин на живот и нивните трагични судбини, тој не можел да стои настрана и да гледа како страдаат, па решил да стори нешто.

Иако проблемите на Пигмеите се комплексни, причина број еден за нивното страдање е недостатокот од чиста вода. Од таа причина голем број од децата и млади луѓе умираат од цревни паразити, иако за лекување е потребна само основна медицинска помош. Поради статусот на Пигмеите во Демократската Република Конго, таа помош не ја добиваат, зашто, според зборовите на нивните злоставувачи, „животните не заслужуваат да бидат лекувани“.

Џастин честопати потенцира дека во светот умираат 5.000 деца секој ден, само заради недостиг од чиста вода.

Додека го слушате Џастин како зборува со љубов кон овие луѓе разбирате колку длабоко го погодува нивната тага. Од првите средби со нив и откако на неговите раце умрело мало дете кое можело да биде излекувано за 5 долари, но никој не сакал да го лекува, Џастин низ солзи почнува да ја разбира парадоксалноста на страдањето на овие луѓе.

По враќањето во Конго, Џастин почнал да работи на еден проект кој ќе стане симбол на неговата борба, да им даде право на живот на Пигмеите, со тоа што ќе им го обезбеди изворот на животот – водата. Преку својата фондација тој почнал да копа бунари со чиста вода, да купува земја и да им обезбедува храна на најмалтретираните луѓе на планетата земја, Пигмеите. Освен тоа, ги обучил како да одржуваат подобри санитарни услови и поефикасно да се занимаваат со земјоделство. Но, што е побитно, истото го направил и за нивните мачители, за да изгради слога помеѓу двете групи, зашто сиромаштијата и незнаењето се нивен заеднички непријател.

Fighting for a voice

До сега преку неговата организација Fight for the Forgotten, Џастин има ископано 68 бунари со чиста вода, го сменил животот на повеќе oд 30.000 луѓе и им обезбедил 1.233 хектари земја.

Неговата борба во САД продолжува со кампањи против малтретирањето деца во повеќе од 100 училишта и обуки за поттикнување дисциплина и градење карактер преку ММА кај деца.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *