10 ПРОБЛЕМИ СО „Планот за одржување настава во основно и средно образование“ на МОН

Ако се уште не сте запознаени, МОН излезе со нивниот „фантастичен“ ПДФ документ наречен „План за одржување настава во основно и средно образование“, кој објаснува како ќе се одвива (т.е. како се замислува) наставата од 1 септември, пардон, од 1 октомври.

Нашиот тим ревносно го исчита документот и решивме да ви пренесеме дел од него, со наши коментари.

1) Ќе забележите дека кај основните училишта пишува:

„Само училиштата кои ги исполнуваат условите во Протоколот за настава со физичко присуство и Планот, може да побараат од основачот/министерството да достави барање за согласност од Владата да реализираат настава со физичко присуство и за учениците од четврто до деветто одделение.“

Додека кај средните пишува:

„Училиштето кое согласно епидемиолошката состојба во општината/регионот и кое не ги исполнува условите за реализирање на наставата со физичко присуство во училиштето согласно Протоколот, ја реализира наставата со учење од далечина.“

Значи, во средните училишта за да се оствари настава од далечина (онлајн настава) потребно е училиштето да не ги исполнува условите за физичко присуство, а не обратно, како што беше најавено! Со тоа се дава примат на наставата со физичко присуство, а ако нема опција следи онлајн!


2) Понатаму, за основните училишта важи:

„Доколку родителот/старателот не сака неговото дете наставата да ја следи со физичко присуство, поднесува изјава до училиштето дека ученикот ќе следи настава со учење од далечина и ќе биде редовно присутен на наставата со учење од далечина, согласно распоредот за часови на паралелката.“

Додека за средните стои:

„За учениците кои од оправдани причини, со приложен доказ или изјава од родител/старател, не се во можност да ја следат наставата со физичко присуство во училиштето, училиштето организира настава на далечина за тие ученици. Учениците кои имаат потврда од матичен лекар/педијатар дека поради својата здравствена состојба не треба да посетуваат настава со физичко присуство следат настава со учење од далечина. Родителот/старателот до училиштето доставува медицинска документација и потврда од матичен лекар.“

Повторно за средните училишта онлајн се дава како втора опција, ако ученикот оправдано не може да следи настава со физичко присуство.


3) Тројна настава!

„Во паралелките во кои настава ќе се реализира со физичко присуство и каде бројот на ученици е над 20 ученици и не може да се обезбеди физичка дистанца од најмалку 1.5 метри (во училница со стандардна големина), паралелката се дели на две групи и наставата наставникот ја реализира во смени со двете групи поединечно.“

Зборувавме дека комбинирана настава е двојна настава, но излезе тројна! Ако нема услови за онлајн настава во училница, наставникот мора да одржи три часа, два со физичко присуство и еден посебно за тие онлајн!


4) Онлајн настава од училница

„Наставата со учење на далечина, наставниците ја реализираат од училница во училиштето со користење на националната платформа.“

Ова правило има исклучок само ако училиштето не може да обезбеди интернет и тогаш наставникот може да бара дозвола да работи од дома. Се разбира, секако ќе мора да оди на работа за да предава на тие кои одбрале настава во училница. Така што ако училиштето нема техничка опременост (што повеќето немаат), наставникот е приморан да работи двојно, т.е. тројно.


5) Национална платформа

„Националната платформа за учење на далечина (ЕДУИНО) ќе овозможи организација на содржините во форма на е-Училници.“

Ова беше најголема критика на онлајн образованието, но платформа има.


PINK FLOYD

6) Проверка на знаења од училница!

„Проверката (валидацијата) на знаењата на учениците се реализира со физичко присуство во училиште, на секое тромесечие по однапред утвреден распоред на паралелки, број на ученици во паралелка и времетраење на проверката.“

Како проверката на знаењата ќе ги заштити децата (особено тие од ризична група)? Како таа е валидна мерка за знаењето на децата ако се прави еднаш на три месеци? За што служи тогаш националната платформа за далечинско учење?


7) Наставникот чука на врата!

„Доколку ученикот кој следи настава со учење на далечина не се вклучи на настава повеќе од пет дена, наставникот со стручната служба во училиштето реализира посета на ученикот во неговиот дом и спроведува разговор со родителот за неопходноста од задолжително и редовно следење на наставата. За извршената посета и разговор со родителот/старателот се составува белешка.“

Како со оваа мерка се почитува безбедноста на учениците (особено тие од ризични групи)! Дали на овој начин повторно се враќа во употреба некоја видоизменета форма на екстерни испити кои беа толку критикувани?…


8) Од наставниците се очекува премногу!

„Наставниците во училиштето доаѓаат најмалку половина час пред отпочнување на наставата и учествуваат во организирањето и спроведувањето на влегувањето на учениците согласно распоредот на часови и Протоколот.“

„Малиот одмор се користи во траење од 5 минути меѓу часовите и голем одмор во траење од 15 до 20 минути, кој е под задолжителен надзор на класниот раководител/наставник. За време на одморите задолжително се почитува физичката дистанца и мерките за заштита согласно Протоколот за настава со физичко присуство, и потребно е да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците.“

Наставниците имаат тројна работа, освен тоа треба да бидат и редари, чувари и полицајци!


9) Деца, споделувајте правила, не моливчиња!

„Учениците од пониските одделенија – Треба да им се нагласи дека не треба да ги споделуваат своите работи (моливи, гумички и сл.) согласно околностите и дека другарството може да го изразат на други начини прифатливи за сегашната ситуација, пример преку меѓусебно потсетување да ги почитуваат правилата за заштита…“

Оваа препорака ги прави децата вистински поданици на Големиот брат од делото „1984“ на Џорџ Орвел.


10) Онлајн настава… од училница!?

“Во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот согласно условите, можностите и специфичностите на наставната единица во рамките на одреден наставен предмет може:
– додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина (за што треба претходно да ги извести),
– да го сними реализираниот наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина,“

Проф. Слободан Таневски додава: „Ова е неостварливо. Пренос во живо или снимање на часот со веб-камерче или со телефон ќе има лош квалитет на сликата и тонот па тие што следат настава од дома нема ништо да видат и чујат. Дополнителен проблем ќе биде кочењето и мрзнењето на онлајн преносот заради преоптовареност на интернетот во училиштето бидејќи истото го прават 10-30 наставници одеднаш. Ако часот се сними па потоа да се аплоудира видео фајлот, процесот на аплоад ќе му одземе неколку часови на наставникот.“

Сите сме свесни дека онлајн наставата од работно место (против која наставниците веќе потпишуваат петиција), како и наставата со физичко присуство е исполнета со проблеми, но од некои сосема неубедливи причини („децата да не седеле надвор,“ небаре училишната клупа е замена за таа во паркот) се инсистира на комбинираната настава која ќе се покаже неефикасна и неквалитетна за сите, а да не зборуваме за тоа дека непотребно ги доведува во опасност.

И на крај, од тоа што видовме дека се очекува од професорите, можеме да заклучиме само едно:

Професорите се гангстери!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *