Сите училишта се еднакви, но некои се поеднакви од другите

Според повеќе постови во групата ПОДДРШКА ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021 година која веќе има 13.600 членови во многу училишта (не само за 1-3 одделение) се спроведуваат анкети и се одржуваат родителски средби со прашања каков вид настава поддржуваат наставниците, родителите, па дури и учениците!?

Се разбира, приватните училишта зависат од школарините и тие ќе инсистираат за настава со физичко присуство и протоколи, но останува прашањето, народски кажано, „со кој памет“ на истото би се решиле и одредени државни училишта, особено со оглед на состојбата во која се наоѓаат, а која самите родители безмислосно ја критикуваа во изминатите години по социјалните медиуми.

Се чини дека овие училишта сепак се подготвуваат да поднесат барање до МОН кое треба да биде разгледано од повисоките инстанци. Во случај на одобрување на овие училишта може да се гледа како на експериментални глувци кои треба да докажат (или не) дека настава со физичко присуство (комбинирана) е изводлива (или не). Овие прашања се неминовни и веќе се поставуваат по нашите медиуми.

South Korea defends reopening of schools despite new surge in ...

Кои училишта се подготвени, засновано на одлуката на нивните наставници, родители (и деца!?), на таков свесен ризик? Или, што е уште побитно, кој ќе им даде право на избор на наставниците кои избрале онлајн настава? Кои правни механизми ќе ги заштитат, кога во ниту една изјава досега наставниците не се споменати во категоријата ризични или со право на избор.

Она што е сигурно е дека училишта се отвораат и затвораат, во цел свет. Една од последните држави е Јужна Кореја каде училиштата ќе се префрлат на онлајн учење, како мерка за намалување на бројките на заболени. Според статијата „(Јужна Кореја) е земја во која тинејџерите се дел од хипер-компетитивно образование зашто диплома од елитни универзитети е клучна за идната кариера.“

Во САД состојбата е слична, и голем број од образовните институции кои биле отворени, се повторно затворени, а ни во Европа не е ништо поинаку.

За жал, како што се доближуваме до есента, загадувањето и сезонските грипови, отворањето на училиштата ќе биде уште повеќе комплицирано и во многу случаи неизводливо.

Се чини дека, вообичаените критики кон „државата“ во овој случај не се валидни и дека таа со прогласувањето на онлајн наставата сепак мисли на нас, а дел од нас упорно не го прифаќаме тоа, па одиме контра, па ако треба и да си нанесеме штета на себеси и нашите сограѓани.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *