„Толку многу поети, а толку малку поезија“ – за Буковски, новото информациско време и изобилието на сѐ и ништо

Познатите зборови на американскиот писателот Чарл Буковски „Толку многу поети, а толку малку поезија“ ги имав запишано во еден тевтер во раните 1990-ти кога одев во Универзитетска библиотека и изнајмував книги. Повеќето книги таму можат да се изнајмат, но само за во читална, ако не сте знаеле.

Не сум голем љубител на поезијата, но поезијата на Буковски ми лежеше, како и неговите романи. Подоцна ги открив неговите куси раскази и ги почитував многу повеќе од романите, кои ми се видоа интенционално провокативни и стокмени за широка публика.

Charles Bukowski | Poetry Foundation

Денес веќе сум во годините кога Буковски почнал да пишува, четриесеттите, и не го читам повеќе, но реченицата „Толку многу поети, а толку малку поезија“ остана во мене како ехо од минатите времиња. Додека преку мојот лаптоп навлегувам во светот на бесконечните информации кои се множат со брзина на светлината во секоја милисекунда, сфаќам дека „поетите“ сме ние – обичните корисници и повремени создавачи на содржини на интернет, со нашите коментари на реалноста, а поезијата се квалитетните содржини и вистинските безвремени вредности.

Колку квалитетни содржини има навистина денес, во оваа ера на изобилие? Кога друг пат во историјата сѐ ни било на дофат на раката, сите можни производи, сѐ што можеме да посакаме, со еден клик. Секоја книга, филм, музика која можете да ја замислите.

На времето одевме по библиотеки, поминувавме часови по книжарници, вртевме плочи во Баги-шоп во Т.Ц. „Мавровка“, или пребарувавме по редици касети во Поп-топ во Т.Ц. „Скопјанка“, барајќи го тој еден бенд кој сме го слушнале на емисија на радио. А емисии имаше малку, Максимум рокенрол на Македонско радио или неколку добри на 103-ка, или бендот ни го препорачал другар кој некако доаѓал до фанзини (магазини за музика од фанови кои сами ги пишуваа, спојуваа, додаваа слики, фотокопираа и хефтаа) од соседните земји. И тогаш дојде интернетот.

Секоја земја, во секој дел од светот веќе ги има предностите на интернетот. Ретки се тие, па дури и посиромашните земји од нашата кои ги немаат благодетите на овој изум. Генерации деца се воспитуваат од стримови на клипови, текстови, слики или memes од YouTube или Snapchat, WhatsApp, Instagram, Tumblr, Tik Tok, Twitter, Reddit… листата е голема, а време има малку.

Во ова време на вишок од информации не само што е тешко да се дојде до вистинските, туку оние површни, небитни, лесно-забавни секогаш го наоѓаат патот до нас и нѐ затрупуваат со бројки, шпекулации, сензационални нешта, кои како да не дозволуваат вистинската поезија да дојде до нас.

Што би правел Буковски денес? Се „кладам“ дека би бил одличен твитерџија!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *