„Во маката се крие можноста“ – Алберт Ајнштајн

„Во маката се крие можноста,“ (Од англ. „In the middle of difficulty lies opportunity“) е поговорка која се припишува, како и многу други поговорки, грешно, на Алберт Ајнштајн. Се разбира, немам ништо против неговото дело и лик, во мојата соба од тинејџерските денови покрај плакат од „Герника“ на Пикасо имав голем плакат на Алберт Ајнштајн со исплазен јазик. Тоа што Ајнштајн го стори за науката заедно со неговиот статус на универзален епоним за генијалец е од непроценливо значење.

Albert Einstein: the man who predicted gravitational waves - BBC News

Но, со сета почит, поговорката не е од Ајнштајн. По површно истражување, интернетот (тој колективен ум од знаење и заблуди) сугерира еден можен извор – омилениот автор на американските тепачко-сакачки фитнес фрикови со тенденција кон “broscience” – Сан Цу и неговиот бестселер „Уметноста на војувањето,“ во Седмото поглавје: Воен судир, каде што (преведено на англиски) вели:

[07.03] In armed struggle, the difficulty is turning the circuitous into the direct, and turning adversity into advantage.

Тука може да се насети поговорката, но дали се работи за повторна интернет заблуда станува јасно по малку подлабоко „копање“. Така доаѓаме до интервјуто на американскиот теоретски физичар John Archibald Wheeler во Cosmic Search, Vol. 1, No. 4 (Fall 1979) каде изјавил за Ајнштајн: 

“Einstein’s Three Rules of Work: 1) Out of clutter find simplicity; 2) From discord find harmony; 3) In the middle of difficulty lies opportunity.”

Се чини дека тоа е директниот извор на поговорката која се припишува на самиот Ајнштајн, но што значи тоа?

Како прво, не верувајте во сѐ што ќе прочитате – истражете, проверете, два-три пати. Ова е особено важна лекција во денешните времиња кога точна информација може да значи живот, а грешна… си знаете.

Како второ, информациите кои ги добиваме за светот (кои не можеме директно да ги провериме), можеме да ги искористиме за проучување на подлабокото значење на нештата. Пример, што значи изолација и како таа може да се искористи за подобрување на човештвото и на себеси.

Со поговорката на Ајнштајн, пардон Сан Цу, пардон Џон Арчибалд Вилер, на ум, ќе се обидеме да раскажеме една кратка историја за еден друг голем научник.

Јаболкото на Њутн - kupikniga.mk

Врската помеѓу Исак Њутн и Алберт Ајнштајн е суштинска. Двајцата ја смениле не само физиката на своето време, туку сфаќањето на вселената и нашето место во неа.

Светогледот на Њутн, во согласност со времето во кое што живеел бил механистички, вселената не била ништо повеќе од голем механички часовник, кој се раковиди на принципите на причина и последица. Но, Њутн прв почнал да размислува со поими на сила и гравитација и да сфаќа дека истите закони раководат со она што е во вселената (Месечината), како и со она што е на Земјата (јаболкото). Но, како и кога дошол до овие идеи?

За време на чумата, една од најсмртоносните болести во историјата на човештвото, која го достигнала врвот во Англија околу 1665 година, Исак Њутн го напуштил Универзитетот во Кембриџ и се вратил на семејната фарма Woolsthorpe Manor во Lincolnshire.

Што правел Њутн таму? Да речеме дека во 1666 година (неговата annus mirabilis или чудесна година, каква што имал и Ајнштајн, но подоцна за тоа), кога имал само 23 години, го направил „само“ ова:

1) Го измислил калкулусот (оние здодевни табели од средно училиште) кој имал револуционерна улога во математиката, физиката, астрономијата, астронаутиката, метеорологијата, електрониката, инжинерството итн.

2) Ги поставил основите на оптиката (присетете се на албумот на Pink Floyd со призмата и белата светлина која се распрснува во виножито) и докажал дека светлината не е бела, ги поставил основите на теоријата на светлината и на боите.

Pink Floyd- The Dark Side Of The Moon (Vinyl) : Target

3) Ги поставил законите на движењето кои подоцна ќе ги објави, а тогаш биле во рудиментирана форма како на пр.: „Една кола без возач се движи дур не се удри или триењето не ја сопре“, „Колку си подебел толку поголема инерција имаш“ и „Ако удриш некој, ќе ти врати со обратна и еднаква сила“.

4) Ги поставил основите на теоријата на гравитацијата (јаболкото, Месечината и другите овошја), откако според апокрифната приказна седел во семејната градина во Woolsthorpe и видел јаболко како паѓа од дрвото.

Ајнштајновата Annus Miriabilis била 1905 година, кога Ајнштајн имал 26 години, и објавил значајни дела за фотоелектричниот ефект (за кој подоцна добил Нобелова награда), Брауновото движење (ви текнува на поленот од книгите по биологија?), специјалната теорија на релативитетот (навистина била специјална!) и познатата равенка E = mc2. Можеби неговата година не била како таа на Њутн, под заканата на смртоносна болест, но тој секако умирал од здодевност како службеник во кафкијанското Биро за патенти во Берн, Швајцарија.

Теориите на Ајнштајн го смениле светогледот на Њутновски универзум во кој класичната механика е носечка филозофија во релативистички светоглед каде гравитацијата не е сила, туку физичко поле, и (како што би кажале ние лаиците) сѐ е релативно – просторот, па и времето! Сепак, Њутновата физика сѐ уште се користи кога се планираат вселенските летови, бидејќи Ајнштајновата има влијание само во близина на големи вселенски објекти кои значајно го „искривуваат“ просторот и времето.

Њутн и Ајнштајн се поврзани, како што се тешкотиите и можностите. Затоа, тргнете се од екраните, отворете некоја книга, запишете некоја мисла, започнете дневник, дадете си задача да научите некоја нова вештина или нешто што отсекогаш сте сакале да го направите, а не сте имале време. Јас се занимавам со непрочитаните книги од големата едиција „Магма“ на Темплум, а вие?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *