Нил Деграс Тајсон за расизмот

Нил Деграс Тајсон (Neil Degrasse Tyson) ретко зборува за бојата на неговата кожа. Него го интересира вселената, науката, напредокот и авантурите во човечкиот ум.

Сепак, поттикнат од скорешните настани и убиството на веќе меѓународно познатиот Џорџ Флојд, Нил медитира на темата „расизам“ и како бојата на неговата кожа влијаела на неговиот живот.

Тој раскажува за многуте пати кога бил сопрен и испрашуван од полицијата, само заради бојата на неговата кожа. Неговите престапи тој ги дефинира како DBB, WBB и BB (Driving being black, walking being black и being black).

Нил живее во Менхетн и ги гледа демонстрациите секој ден. Тој ги оправдува протестите, но не и вандализмите. Според него полицајците не се доволно обучени. Полициската обука во Њујорк, каде меѓу другото се учи кога треба а кога не треба да се користи физичка или огнена сила, се смета за поригорозна и трае 6 месеци, а за да станете шеф-готвач за тесто потребни се 8 месеци. Нил заклучува дека кроасанот заслужува повеќе внимание отколку човечкото суштество.

Татко му бил активен во движењето за граѓански права во 1950-тите и 1960-тите. Нил коментира дека полициската бруталност за него не била нова работа. Во неговиот дом кога бил дете, неговите родители им одржувале неделни лекции насловени: „Правила за однесување – за да избегнеш да бидеш убиен од полицијата.“ Кога бил тинејџер, идниот астрофизичар размислувал за вселената, а не за бојата на неговата кожа, но штом излегувал од дома тој станувал „осомничен“. Во Америка постои фраза: „Слободен, белец и има 21 година.“ која е користена во популарната култура и според Нил е сосема вистинита.

Интересна епизода на Star Talk е скорешното гостување на мајка му на Нил, 91 годишна жена со остар ум, солидна животна филозофија и смисол за хумор. Во истата епзиода дознаваме неколку работи за тоа како бил воспитуван Нил, роден Њујорчанец, колку на неговите родители им било битно сите нивни деца да ги исполнат сопствените соништа, да бидат вредни, културни и грижливи кон другите луѓе.

Мајка му на Нил, која е порториканка родена во 1928 година, на прашањето за расизмот во Америка, одговара на можеби за нас необичен начин. Таа вели дека расизмот во Америка е полош денес, отколку во нејзината младост и нејзините зборови стануваат јасни по неполн месец дена, денес со протестите за полициската бруталност и убиството на Џорџ Флојд.

Нил го заклучува неговиот исказ со пет работи кои би можеле да се направат за да не се повторат полициските бруталности и последиците од тоа. На крајот завршува со неговите познати зборови „Продолжете да гледате нагоре“, со мала измена и нова верзија: „Потрудете се да гледате нагоре.“

Иако не се согласувам со масовни собири во време на изолација, некогаш е потребно да се крене гласот. Се разбира нашиот народ не го засега судбината на американскиот народ или на неговите малцинства, иако сме љубители на нивните спортови, популарната култура, науката, технологијата и цивилизациските придонеси. Во нашето општество, се разбира, нема расизам, нема национализам и нема предрасуди. Додека кафулињата работат, сѐ е во ред.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *