Научна вистина во време на дезинформации!

StarTalk подкастот е вистински извор на научни информации со водителот Нил Деграс Тајсон (Neil deGrasse Tyson). Освен тоа што е најпознатиот популаризатор на науката и астрономијата, тој е астрофизичар и директор на планетариумот Hayden во Њујорк.

Нил е информиран во речиси сите научни феномени и честопати истите ги поврзува со популарната култура и секојдневни случки. Затоа слоганот на емисијата е „Во StarTalk науката ја среќава популарната култура“.

Во епизодата од 21 мај 2020, со астрономот Дејвид Халфенд (David Helfand), колега на Нил, се зборува за новата книга на Дејвид „Прирачник за преживување во ерата на дезинформации („A Survival Guide to the Misinformation Age: Scientific Habits of Mind“).

Се работи за многу интересна и поучна книга, особено во денешното време кога сме бомбардирани со (дез)информации од сите страни. Порталите (гугл)преведуваат вести, новинарите се нестручни во темите кои ги обработуваат, под притисок на тоа да останат релевантни покрај големата конкуренција.

Дејвид зборува за тоа дека треба да се бараат податоци од релевантни извори, да се сомневаме во работите и да не ги засновуваме заклучоците на единечни случаи – на пример нешто што е присутно и во актуелната ситуација: „Мене, ниту на некој што го познавам, не се случило, па мора да е лага!“ Се разбира, не мора лично да отидеме во вселената за да знаеме дека Земјата е тркалезна – тоа е научен факт!

Дејвид продолжува со тоа дека демократизацијата на информациите е одлична работа, но таа е натоварена со голем багаж на неодговорност, привлекување кликови заради профит, незнаење итн.

Социјалните медиуми играат голема улога во целиот хаос бидејќи тие се конструирани така да создаваат ехо од нашата неинформираност, бидејќи нивните алгоритми ги препознаваат нашите навики и дезинформации и ги поткрепуваат со слични. Според Дејвид мораме прво да работиме на љубопитноста (особено кај децата) и на научниот скептицизам.

На крајот на секој разговор Нил има еден сегмент во кој треба да се одговора на прашањата, но најбрзо што е можно, секој одговор да биде нешто како џингл. Ова е техника која Нил ја има споменувано многу пати во неговите разговори, и ми се чини дека таа е клучна во неговиот пристап како едукатор.

Во оваа епизода тој признава нешто интересно. Дејвид бил декан на факултетот по астрофизика (Универзитетот во Колумбија) и член на комисија на одбраната на докторската теза на Нил. Две минути пред крај на одбраната, кога Нил бил занесен во ѕвездите и длабоко во вселенските проблеми, Дејвид му поставил прашање: „Во ред, кажи ми сега како би го објаснил ова на репортер од The New York Times?“

Лично не сум сретнал друго место каде што Нил ја припишува заслугата на Дејвид за неговиот пристап кон популаризацијата на науката, но се чини дека оваа техника влијаела многу на животот на Нил. Се разбира покрај средбата со Карл Саган во неговите студентски денови.

Дејвид е интересен гостин, а самиот Нил признава дека тој по малку наликува на Дедо Мраз, и навистина е така!

David Helfand reflects back on a decade at the head of Quest ...

Неговата книга можете да ја нарачате тука, а за тие кои живеат во малку посиромашните земји (секако не како нашата!) можете да ја симнете од тука (се разбира не сте го слушнале ова од нас).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *