Скарлетна кралица на SF филмовите!

Scarlett Johansson е актерка која бира сериозни улоги. Иако речиси сите се изградени околу нејзината физичка убавина, сепак пружаат можност за комплексни ликови и филозофски приказни кои гледаат зад физичкото и во сферата на духовното.

SF жанрот е особено плодна почва за одгледување на ваквите идеи. Во каква иднина би сакале да живеете? Или од каква иднина се плашите? Кое би било местото на човештвото (и вашето лично) во една од можните иднини?… итн. Прашањата се бескрајни и сложени.

Интересно е што Scarlett Johansson во последните десетина години се има изградено како своевидна кралица на модерните СФ филмови кои ги испитуваат важните прашања на вештачката интелигенција, трансхуманизмот, односот помеѓу луѓето и технологијата.

Се разбира дека во овој контекст не зборуваме за бројните филмови од Марвел универзумот, од кои во новиот Black Widow таа ќе има главна улога, туку за некои малку поинакви, па да видиме за кои филмови станува збор.

1) Ghost in the Shell (2017)

Филм кој што можеби би поминал подобро во 1990-тите, но сепак е доволно модерен од денешна перспектива. Ghost in the Shell е филмска адаптација на познатата јапонска манга серија од 1989 година и подоцнежниот анимиран филм од 1995 година кој влијаел на култната Матрикс франшиза. Главната тема е трансхуманизмот и вештачката интелигенција, како и можностите на иднината во која се замаглува границата помеѓу вештачките и органските тела. Новиот филм се чини дека позајмува многу елементи од киберпанкерскиот прирачник на Вилијам Гибсон, а визуелно наликува на Блејд Ранер, иако е помалку фасцинантен, сепак ги задоволува критериумите за еден футуристички азиски (јапонски) град од средината на веков. Иако името на филмот имплицира на Декартовиот и западњачки дуализам на тело и душа („ghost“ е душата, а „shell“ е телото) кои се спротивни едно на друго, сепак останува отворена можноста за источната мисла во која духот и телото се поврзани на многу посуштински начини.

2) Lucy (2014)

Филм кој зборува за човечката еволуција и за неминовниот чекор: спојување со вештачката интелигенција. Таа еволуција нема да ни овозможи да лебдиме во воздух или да ги контролираме движењата на другите луѓе како што сугерира филмот, но секако ќе ни помогне да ги надминеме сопствените ограничувања. Илон Маск веќе работи на проблематиката (види: Neuralink). Johansson е повторно во улога на опасна типка која ја крши „кичмата“ на сите кои ќе ѝ се спротивстават, пред да се интегрира во светската онлајн мрежа и да стане чиста свест во духот на индиската Нирвана (не бендот!). По Nikita и The Fifth Element, со овој филм стана повеќе од јасно дека Luc Besson има афинитет кон силни женски ликови.

3) Her (2013)


Иако во овој инди филм нема акција како во другите филмови од листата и Johansson се појавува само како глас на оперативен систем од иднината, сепак нејзиното присуство е моќно доловено и завршува на сличен начин како и Луси, со пансветска интеграција на вештачките интелигенции во една надинтелигенција која ги надминува човечките можности за разбирање. Филм кој ќе ве поттикне на размислување.

4) Under the Skin (2013)

Нетипична вонземјанка и фантазмагорични пејзажи, сцени кои ќе ве вознемират, но и запрашаат за сопствената егзистенција во својата кожа и што навистина се крие под неа. Сериозен филм кој може да се очекува од еден режисер на легендарните спотови како Karmacoma (Massive Attack), Virtual Insanity (Jamiroquai) или Karma Police (Radiohead) кој визуелно и наликува на стилот на филмов. Се чини дека на Johansson повеќе ѝ одговараат ваков тип на филмови (потсетете се на Lost in Translation или Girl with a Pearl Earring), отколку акцијашки напади на сетилата.

5) The Island (2005)

Johansson се наоѓа во незавидна улога на клон затворен на еден остров и одгледан со една цел – да биде донор на органи за нејзиниот оригинал, богата манекенка од идното општество, во случај на потреба. Иако премисата е малку веројатна, што и самите сценаристи би го разбрале да почекале уште некоја година да се развијат 3Д принтерите, сепак филмот е исполнет со акција и возбуда, како што може да се очекува од Michael Bay. Иако последниот филм од нашата листа не е мисловна посластица и е далеку од нив според квалитет, сепак е одличен за забавна вечер со пуканки, зошто да не!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *