Хаверборд како непријател на детството

„Сакам хаверборд!“ е нешто што честопати се слуша од денешните деца кога се прашуваат што сакаат за нова година или за роденден. Се разбира, децата сакаат нешта и не размислуваат дека еден хаверборд чини колку една македонска (над)просечна месечна плата. Се разбира во просекот не влегуваат вработените по државни институции, зашто они се екстра платени за играње игри на нивните ајфони од државниот буџет. Зборуваме за работникот, преживувачот, малиот човек кој ги претрпел сите транзиции, ги преживеал изневерените надежи за подобра иднина и испливал од загадената река на македонскиот живот како мутирана риба со нозе и зачекорил гордо (само малку подгрбавено) кон иднината!

Се разбира, хавербордите (а со нив и електричните скутери) не се лоши само за џебот на родителите, туку и за здравјето на децата. Наместо да дремат неподвижно на хаверборд, скејтот на децата им дава можност да ги развиваат мускулите, да се движат, да го зајакнат срцето итн.

Подготвен со таква аргументација родителот гордо извикува: „Што му фали на скиролот?“, а детето откако ќе го опомене (во стилот на генерацијата милениумци која ги воспитува сопствените родители, а не обратно), дека не е „скирол“ туку „скејтборд“, потоа му објаснува дека скејтот е „лејм“!

Навистина, што му фали на малку орање на асфалтот со нозете со цел да се забрзаш во рамничаркото-за-скејт-родено Скопје, а потоа можеш да учиш трикови од YouTube. Порано триковите се учеа од улица, пред Цека каде се собираа скејтерите, од под Камен мост кој со векови стои на тоа место и немо сведочи за сите промени од страната на бреговите на реката која ја премостува. Лично никогаш не научив да правам добар „оли“ (најпознатиот скејт трик) со мојот преголем скирол со пластични кочници во стилот на флуоресцентните 1980-ти.

Порано професионален скејт чинеше едно цело богатство и ги имаа само деца со роднини во САД, денес вакви скејтови се наоѓаат во речиси секоја продавница за спортска опрема по пристапни цени или подобрите во специјализираната продавница dropIN.

Тогаш главната фора беше спуштањето по ридовите, па кој преживее, раскажува. Другите одеа дома во солзи и тогашните родители не ги мачкаа со скапи препарати од приватни аптеки или не трчаа веднаш во амбуланта зашто нивното мило милениумче се повредило, туку ги полеваа со домашна ракија и ги благословуваа (иако не беа верници, туку верни социјалисти) со зборовите „Ќе помине“. Детето тогаш, како повредено куче, си ги лижеше раните, а потоа гордо ги кинеше закоравените рани кои чешаат за да му останат лузни и да се фали пред друштвото.

Да, тогаш се фалевме со лузни, наместо со мобилни телефони. Најблискиот допир до домашна технологија било „гејмче“ со една игра која никој не можеше да ја победи, зашто движењата потребни да се совладаат последните нивоа ја надминуваа човечката способност за реакција. Но, игрите не беа правени за секој да може да ги помине, туку за да се играат, да се ужива и цени моментот. Зашто, кога имаш едно гејмче, наместо безброј игри на телефон се посветуваш и истражуваш, наместо да скролаш во заборавот.

НАМЕСТО ДА СКРОЛАШ – СКИРОЛАЈ!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *