Металските маици не треба да бидат хипстерски!

Во 1989-та моите училишни тетратки беа исполнети со имиња на металски бендови како Slayer, Kreator, Metallica, Dio, Tygers of Pan Tang, ACDC, Saxon, Judas Priest, Motorhead, Def Leppard… признавам не ги сакав сите овие бендови, но сите имаа навистина кул логоа!

Омилената забава ми беше да им ги прецртувам имињата, заедно со костурите, ѓаволите и сцените од пеколот, кои како да беа произлезени од универзумот на Хиеронимус Бош. Сето тоа не ми даваше добра репутација, а кога згора на тоа ќе додадеш пентаграми, превртени крстови и свастики, бев дете на „вистински“ пат!

Се разбира децата не знаат што значат сите тие симболи, и во основа тие имаат одредена уметничка убавина и геометрија, пентаграмот кога не е превртен е симбол на хармонијата, човекот и духот, петтиот елемент, свастиката е прастар индиски симбол на добрата среќа и добросостојбата, а превртениот крст е анархистички симбол на борбата против воспоставени вредности и норми, симбол на индивидуализмот. Ѓаволот е паднат ангел, а костурот симбол на минливоста, своевидно отелотворение на поговорката Carpe Diem, пеколот нѐ учи на морал во животот итн. Дали детето го знае дуализмот на нештата, како што нѐ учат сите овие антички филозофии? Се разбира дека не, но верувам дека го чувствува длабоко во себеси.

Цртеж на Берт Стајн, 1990 (десно)

Тогаш налетав на неколку мали пришивачи од Iron Maiden, Metallica и еден голем, за на грб, од Kreator. Последниов, германски треш метал бенд, кој не го слушав многу, но логото и илустрациите им беа одлични – морав да го земам! Освен тоа, демонот од сликата изгледаше застрашувачки (добро), дури и повеќе, иако не сакав да признаам, од легендарната маскота на Iron Maiden – Eddie. Еди е зомби, кој асоцира на едноставен и прост распад на телесното, а „Чудовиштето Креатор“ е вистински демон, натприродна сила која предизвикува пореметување на духовното, тема која отсекогаш повеќе ме интересирала.

Да, во 1980-тите металците носеа „пришивачи“ врз тексас јакните. Еден голем на грбот, неколку на ракавите, предните џебови и под нив, колку сакаш. Не знам од каде потекнува оваа култура, веројатно од моторџиските банди, но мене ми беше кул и се подразбира дека заради овие пришивачи еднаш бев нападнат и ограбен, а два пати ќе ми ги скршеа забите, во една прилика од страна на бесна толпа деца на новопечени транзициски богаташи кои палеа дневници во нивното училиште, a во друга од млади турбофолкери во летен камп за деца. Да не се повторувам, двете сцени се опишани во моите дела „3 минути и 53 секунди“ и „1 час и триесет минути“.

Генерално општата популација на металците гледаше како на валкани, некултурни, слаби ученици и бељаџии, во нивните очи тие ги поминуваа деновите во дување лепак и обележување на кожата со жилет или цигари, или пак во правење сатанистички обреди. Ништо од ова не беше вистина. Металците навистина беа фанатици, но само по музиката која ја бранеа со сите децибели на дисторзираните рифови и пеењето, независно дали е рикање или врескање.

Сите наши пришивачи и маици со металските бендови како Metallica, Black Sabbath, ACDC, Slayer, Motörhead, Pantera, Iron Maiden или помеките Led Zeppelin, Rolling Stones, Guns N’ Roses денес се дел од популарната култура и често ги носат луѓе кои не ги слушаат овие бендови, немале, ниту ќе имаат допир со металската и рок супкултура, не биле исмевани дека „металците не ставаат дезодоранс, зашто сакаат да смрдат“ и никогаш не носеле долга коса за да можат да ја тресат главата на Ride The Lightning, The Killers или Highway to Hell, албуми кои често се наоѓаат на маиците на овие позери.

Се разбира, ако омотите на албумите на металските и рок бендови ги сметаме за уметност, тогаш нема зошто да се противиме за тоа што некој мисли дека овие маици се кул, иако не ги слуша бендовите. Можеш да ја почитуваш „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи или „Ѕвездената ноќ“ на Ван Гог без да ја знаеш историјата на италијанската ренесанса или на францускиот импресионизам. Но, ако ја носиш маицата само затоа што парчето облека добро ти се вклопува со очилата или чевлите, или сакаш само да изгледаш кул, тогаш тоа веројатно е грешно.

Таквите маици порано тешко ги наоѓавме, ни ги носеа од странство или ги купувавме по концерти и можеби во Југотон, Баги Шоп, или Поп Шоп, продавничка за касети после Нова Железничка или Инфлуенс во Лептокарија, но изборот денес е секако поголем и освен на интернет (кај чичкото Алиекспрес за 5 долари) или на одмор во Грција, може да си порачате да ви испечатат на многу места во градот или да тркнете до Југотон .

Stay Brutal!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *