Куса историја на тетоважите во нашата средина

Во 1990-тите години Скопје беше алтернативен град. Се разбира, рејв и гранџ културата беа „ин“ во целиот свет. Драмендбејс ритмите се слушаа од обичните кафулиња, а рокенролот беше на светските топ листи. Карираните кошули и даркерските шминки ги заменија „а-ла“ 80-ти Мадона фризурите и дречливите бои. Каде се вклопуваат тука тетоважите?

Во тоа време тетоважите беа присутни во два случаи. Кај луѓе кои биле во екстремно затворени средини и делеле искушенија со други луѓе во иста ситуација – затвор или војска. Тоа се т.н. затворенички или војнички тетоважи, правени со игла, конец и туш, без уметничко чувство. Доминатни мотиви беа име на девојка, датум и место на одење во војска, можеби лош цртеж на девојка-сирена или сидро, тенк (за војници), нож (за затвореници) и слично.

Другата супкатегорија млади луѓе кои се тетовираа беа припадниците на супкултурите, повторно затворени во мали изолирани групи, но поврзани преку музиката која ја слушаа. Панкерите тетовираа спајалици и знак за анархија, раперите заканувачките пораки на тупаниците, металците черепи, додека алтернативците поретко се решаваа за ваква радикална мерка да ја искажат својата припадност на музичката авангарда. Нивните тетоважи беа изработени со поголем уметнички осет, најчесто од некој ученик во средно уметничко училиште, а веќе кон крајот на деценијата почнаа да се купуваат машинки за тетовирање и на сцена настапи скејтерот Мало и други млади кои имале среќа да живеат во странство и да научат нешто за тоа како функционира светот.

Другите („нормални“?) луѓе гледаа на тетоважите како на нешто валкано, неприкладно, речиси некултурно, во секој случај немаа доверба во тие кои се тетовираа, ги нарекуваа наркомани, џанкери, сидаши… ваквите прекари најчесто ги спомнуваа припадници на една друга супкултура – турбофолкерите.

Ја премотуваме лентата кон средина на 2010-тите кога стана популарно хипстерското движење кај нас. Кусо потшишана коса од страните, горе долга и по можност фатена во „пунџа“, со „гоцеделчевска“ брада кај машките, а „бадихолиевски“ очила со дебела рамка кај женските, стана вообичаена глетка. Дел од оваа култура се секако и тетоважите.

И тогаш се случи поместување на парадигмите во нашата средина. Почнаа да се појавуваат тетоважи и кај „обичниот народ“. Прво кај младите алтернативци кои целосно се вклопија во хипстерската супкултура, но подоцна и кај некои невообичаени ѕверки.

Како што ботокс усните и силиконските гради навлегоа во турбофолк супкултурата преку влијанието од Србија и особено Бугарија, каде таа машинерија произведува кукли на фабричка лента, така своето место си го најдоа и тетоважите. Времето на игла околу која е намотан конец или електромотор поврзан со цевка од тенкоминец завршија и вистинските уметници на повеќеигличестите апарати за тетовирање го заземаа нивното место. Во ова време веќе може да се видат вистински уметнички дела на религиозни мотиви или национални симболи врз рацете на набилданите навивачи, тепачи и избацивачи, биртијаши, но и обичните „кај си бе брат“ граѓани.

Оваа последна категорија најчесто се решава за тетовирање на сопственото име на долниот дел од подлактицата во стереотипен ракописен фонт, некогаш со големина 16-ка, но најчесто со 72-ка, долж целата подлактица, во случај да си го заборават името.

Ете, тоа е состојбата со кусата историја на тетоважите во оваа мала земја која заостанува по наука, уметност, технологија, екологија и култура, но секако е барабар со модните трендови во светот. И тоа е нешто!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *