За Џорџ Карлин и скептицизмот, или за новинарството и (не)проверувањето извори

Во нашите медиуми скоро се сретнав со еден текст.

Текстот е одличен и поучен, вистинска мудрост кондензирана во неколку редици. Преводот е коректен, но забелешката на крајот од текстот гласи: „Овој текст го напиша американскиот стенд-ап комичар Џорџ Карлин по смртта на неговата сопруга.“

Џорџ Карлин не бил само еден од најголемите стенд-ап комичари, според многумина и најдобриот, туку и актер и автор на неколку одлични книги, како и голем филозоф на животот.

Неговиот тип на хумор е исполнет со критика на општеството, и со длабоко навлегување во проблематиките на модерното доба. Неговата превкусна хумористична бонбона со прелив од малини е најчесто полнета со експлозивно полнење на барут и шрапнели (во духот на познатиот скеч од Монти Пајтон).


Верувам дека заради тоа цитатот е неправилно идентификуван како цитат на Карлин. Забуната не е на нашиот портал, ниту на преведувачот, туку на „интернетот“, кој му ги припишал овие мудри зборови полни со критика на општеството. Недостатокот на хумор во текстот е паметно оправдан со тоа што Карлин текстот наводно го напишал по смртта на неговата сопруга (која навистина се случила).

Тој сомнеж веднаш станува оправдан поради делот од цитатот кој гласи: „Ретко се молиме“. Џорџ Карлин бил католик, но во секоја прилика остро ја критикувал организираната религија.

Да не должиме и да ви ја откриеме вистината. Цитатот е преземен од делото „Words Aptly Spoken“ (1995) на американскиот свештеник Боб Мурхед (Bob Moorehead).

Се разбира, досега кажаното не ја намалува вредноста на цитатот. Тоа што многу од наведените нешта како да се пишувани за нашава средина зборува за мудроста на авторот и способноста да допре до универзалните вистини.

Нашиот анти-портал се разбира не е „цар за апсолутно точни податоци“, но сметаме дека клучната работа во пренесувањето текстови, ако веќе сте се потрудиле да ги напишете или преведете, е да проверите повеќе извори или барем да се трудите да имате веродостојни извори, како на пример реномирани сајтови.

Од друга страна можете да се послужите со корисниот сајт snopos.com и нивниот Fact Check.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *