Патувањето како забава, но и како поука!

„Патувањето е погубно за предрасудите, за ограниченото размислување и само заради тоа е неопходно за многу наши луѓе. Широките, здрави, добротворни гледишта за луѓето и нештата не може да се стекнат со вегетирање во еден мал ќош на земјата цел живот“.

Што можеме да научиме од овој цитат на Марк Твен? Се разбира – треба да патуваме! Но, не само тоа, треба да ја впиеме културата, цивилизацијата, постигнувањата, начинот на живот. Дали го правиме тоа?


Во 1996 година прв пат ја посетив Љубљана и кога застанав на крстосница сите пешаци го чекаа зеленото светло за нив, пред да преминат. Улицата беше пуста и немаше ниту едно возило, но сите-до-еден! упорно и без нетрпеливост чекаа. Замислете, ниту една „црна овца“! Како млад студент ме фасцинираше таа колективна одлука и се чудам како денес, 24 години од тој настан, кај нас пешаците се уште преминуваат на црвено светло. Можеби е заради тоа што и самите се свесни дека шансите да ги прегазат се поголеми на зелено за пешаци, кога не внимаваат дали некој возач-силеџија ќе ја тестира издржливоста на неговите скапо платени гуми на нивниот ‘рбет.

Но, во Љубљана бев на поминување и заминав да студирам во Италија, во малото студентско гратче Чезена, каде што се беше средено, чисто и функционираше беспрекорно. За да се слушнеш со некој од дома, мораше да платиш скапа сметка за телефон (и-мејлови не користевме уште барем 3-4 години) или да се решиш за поевтина и поспора варијанта – писмо. Тоа подразбира да најдеш време да седнеш пред празен лист со пенкало во рака. Откако ќе изнапишеш се што ти се случило и ќе завршиш со прашањата „како сте?“ и „како е дома?“ го виткаш листот и го ставаш во плико, одиш во пошта и таму дознаваш дека „шоферот не вози“.

Дома во речник (не во апликација на телефон, зашто првите мобилни телефони ќе ги користме 5 години подоцна, туку во еден од тие античките пронајдоци наречени книги) проверуваш што значи „sciopero“ и сфаќаш дека не значи „шофер“, туку „штрајк“ и дека возовите кои ги носат писмата и пакетите од поштата штрајкуваат. „Сепак било до шоферот,“ се насмевнуваш во себеси и дознаваш дека ова е вообичаена појава во Италија, каде работниците се борат за своите права и ги добиваат, за разлика од работниците во твојата земја.

Кога конечно успеваш да го пратиш писмото, и по две недели добиваш одговор, нештата се сменети, можеби и времето се разубавило, па се чувствуваш малку подобро и помалку осамено. Но, муабетите поттикнати од носталгијата по дома како: „ми недостига нередот, ѓубрето по улиците, нервозните луѓе и некултурата!“ сепак остануваат, додека се жалиш за премногу стерилниот град во кој се е средено и функционира. Младост-глупост!

Навистина, дали нашите луѓе кои патуваат во странство се враќаат со позитивни навики и желба да ги пренесат на другите? Дали истите тие луѓе не фрлаат ѓубре по улиците на сопствениот град или се трудат да ги применат праксите на селектирање отпад на кои сведочеле во тие земји? Дали преминуваат на црвено светло на крстосница, независно од тоа дали се пешаци или возачи?…

Што мислите вие?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *