Зошто пишуваме?

За писателот животот е пишување, а тоа што за другите луѓе се нивните деца – остварување на некој таен потенцијал од себеси кој се реализира во новото суштество – тоа за писателот е неговата приказна. Во приказната сѐ е возможно!

Но, токму тоа остварување на потенцијалите може да биде и најстрашната стапица во која може да се фати еден писател – како родителот кој посакува неговото дете да ги оствари неговите неостварени соништа, така и креаторот на приказни очекува од неговите ликови да бидат супер-херои или барем подобри од него, да се впуштат во авантура за која тој немал можност или храброст, да се соочи со родителот кога тој се плашел или да ја заведе убавицата со која разменил поглед, а потоа заминал со нејзиниот лик во мислите.

На Хемингвеј му биле познати неостварените љубови

Писателот лесно се фаќа во овие стапици, затоа што пишувањето колку што е создавање на светови и ликови кои се надоградување на постоечките, истовремено е и соочување со сопствените стравови и демони, и како такво е одреден вид психо-терапија. Пишувањето несомнено го лекува умот и телото, но и воспоставува рамнотежа во истото. Дали постои урамнотежен писател? Се разбира дека не постои, сите тие, како и психијатрите, ја бираат професијата за да воведат рамнотежа во сопствениот живот. Колку помалку ја имаат, толку се подобри и поплодни писатели.

Ова е сепак видување на еден писател и не мора да е вистина, можеби тоа е само неговата лична приказна напишана од некој друг. Што ако и тој е лик во нечиј роман наречен „живот“ или само спореден актер во нечија друга приказна? Ако е така, тогаш се надева дека нема да му помогне на писателот да стане подобар и поурамнотежен, зашто тоа би значело крај на неговата приказна.

Единствената добра приказна е таа која нема заклучок, ниту поука, туку едноставно постои и лебди во времето и просторот пред да се залепи на некој прозорец како случаен лист носен од ветрот.

Прочитајте што мислат некои од познатите писатели за пишувањето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *