Арно.мк – среќен прв роденден!

Кога ќе помислите на портал кои се првите три работи на кои ви текнува? За нас тие се: дезинформација, страв и лесна забава.

Затоа кога го направивме Арно.мк го дефиниравме како антипортал. Ние се залагаме за информираност, храброст и духовно богатство!

Го отворивме нашиот уметничко-истражувачки проект наречен Арно.мк пред точно една година, на 01.02.2019 и до денес имаме објавено повеќе од 80 текстови на тема екологија, 160 на тема наука, 120 на тема технологија, 100 на тема уметност, 70 на тема здравје итн.

Се разбира, ние сме мал тим и тежнееме кон квалитет наместо квантитет. Во нашите текстови се обидуваме да бидеме кратки и јасни, но и да допреме повеќе прашања отколку само тие кои ги отвора насловот на текстот. Едноставно речено – љубопитни сме и не застануваме на површното, туку одиме длабоко и широко, не се плашиме од непознатото. Нашиот портал визуелно се разликува од сѐ друго што сте го виделе на интернетот, а по содржината му нема сличен во целиот македонски медиумски простор.

Она што особено нѐ интересира е екологијата, зашто без здрава средина за живеење ништо нема да биде на арно. Главните и одговорни уредници на Арно.мк се воедно и автори на популарните еко-групи „Дај, не фрлај!“ (над 40.000 членови), „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“, „Не фрлај, не загадувај!“, “И јас одам со велосипед на работа” и „Еколошко, евтино, ефикасно!“.

Нашите текстови не се преводи на соседните портали и сите се оригинални и навистина наши. Се разбира, користиме разни извори од изобилието на информации на интернет и секогаш истражуваме нови теми. Во тимот имаме писател и текстописец, член на ЗНМ и ДМП, графички дизајнер, програмер, дипломиран технолог, лингвист, па дури и магистер по безбедност и кризен менаџмент, кои ни помагаат да ја браниме нашата идеја со жар и решителност!

Нашата задача е да инспирираме, да ви дадеме отскочна даска, а вие потоа самите да запловите во водите на скептицизмот и знаењето. Ви посакуваме добар пат!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *