Црнец кој преобратува членови на Кју Клукс Клан!

Дерил Дејвис е црнец и тој редовно оди на средбите на Кју Клукс Клан!

Ако се прашувате како е тоа возможно, дозволете на кратко да ви раскажеме за Дерил. Тој е роден во 1958 година во Чикаго како син на Службеник на министерство за надворешни работи и раното детство го поминал насекаде низ светот, дружејќи се со луѓе од различни култури, сфаќања, раси и националности.

На 10 години прв пат се соочил со расизмот во САД кога го нападнала група белци. Подоцна кога дома му ги лекувале раните ги прашал родителите зошто бил нападнат. Тие му објасниле дека е заради бојата на неговата кожа, но тој никако не можел да разбере како е тоа возможно. Се запрашал: „Како некој може да ме мрази ако не ме познава?“.

Многу години подоцна станал музичар и свирел со легендите како Чак Бери, Мади Вотерс, и Би Би Кинг. На една свирка му пришол човек кој бил восхитен од „црнец кој свири како Џери Ли Луис“. Дерил учтиво му објаснил дека музиката на Џери потекнува од црнечката музика и црните музичари како Фетс Домино, Литл Ричард и други. Во текот на вечерта се развило пријателство и човекот, малку посрамено, му признал дека е член на Кју Клукс Клан.

Дерил тогаш се присетил на прашањето кое си го поставил како дете и си поставил мисија во животот – да се запознае со членовите на Кју Клукс Клан и преку разговор да ги разубеди дека не треба да им судат на луѓето само заради бојата на нивната кожа.

Од тогаш до денес има преобратено повеќе од 200 членови на оваа организација чија историја е длабоко втемелена во американското општество, иако самиот не признава дека го сторил тоа. Тој вели дека „преобратените“ се самите заслужни, а тој само им помогнал да размислуваат поинаку.

Погледнете го неговото интервју на подкастот на Џо Роган или документарецот Accidental Courtesy: Daryl Davis, Race & America, зашто приказната на Дерил е инспиративна и поучна, не само за расизмот, туку и за национализмот, верските предрасуди итн. и може да се примени во секое општество, па и нашето – зарем не!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *