Во секој момент може да се случи експлозија на ѕвездата Бетелгез – во наша близина!

Името на џиновската ѕвезда Бетелгез (од арапски „раката на Орион“) отсекогаш ме потсетувало на откачената црна комедија Битлџус од 80-тите, на големиот режисер Тим Бартон. Се разбира, освен звучноста, нема никаква сличност помеѓу овие два поими.

Бетелгез е џиновска ѕвезда (црвен суперџин), набљудувана уште од античките времиња, која се наоѓа во познатото соѕвездие Орион. Таа е толку голема што кога би била на место на нашето Сонце би ги опфатила орбитите на сите карпести планети, па дури и таа на гасовитиот џин Јупитер. Оддалечена е 700 светлосни години од нас.

Ова не е слика на јајце на око, туку на Бетелгез, кој може да нѐ направи кајгана!

Нашата ѕвезда не е ни приближно толкава, но ќе стане речиси толку голема кога ќе ги потроши резервите на водород, по што ќе се „надуе“ до орбитата на нашата планета и потоа ќе се собере до големина на т.н. бело џуџе – ѕвезда со слаба светлина. Но, не грижете се зашто тоа ќе се случи за пет милијарди години, а силните сочнчеви ветрови нема да ја голтнат нашата планета туку ќе ја оддуваат во вселената со што таа ќе стане планета скитник, како голем дел од планетите – осамени талкачи во бесконечноста.

Дали од сето ова може да се заклучи дека и Бетелгез е пред крајот на својот пат? Да, но неговиот пат е малку поразличен. Ѕвездите од редот на нашето Сонце стануваат џинови за кратко, а потоа бели џуџиња и на крај црни џуџиња кои не светат. Помасивните ѕвезди го завршуваат својот пат со експлозија во која можат да засветат колку една цела галаксија и потоа да станат неутронска ѕвезда, квазар или црна дупка.

Зошто е ова значајно за нас? Како прво, во последните неколку месеци научниците забележуваат значајно намалување на светлината на оваа ѕвезда што може да значи дека наскоро ќе експлодира, а ова е наговестено и со откривањето на гравитациските бранови од овој извор во изминатата недела. Премногу чудно за да биде коинциденција или не? Да видиме што мисли прекрасниот Антон:

Велената е голема и содржи многу мистерии. Последен пат кога човештвото сведочело на супернова била Кеплеровата супернова во 1604 година и тоа е забележано и запишано од страна на кинеските, корејските, арапските и европските астрономи. Сепак, се работи само за едно за лајтшоу на небото и толку, нели? Не баш.

Супернова е експлозија од галактички размери во која се произведува толку многу енергија што во неа се создаваат потешките хемиски елементи. Да, елементите се создаваат во ѕвездите, но во нашето Сонце за сега се создава само хелиум, со спојување на атомите на водород преку процесот на нуклеарна фузија и така Сонцето свети. Пред крајот на својот живот тоа ќе почне да создава (спојува) потешки елементи, но до одредено место во периодниот систем. Сите потешки елементи се создаваат исклучиво во суперновите!

Значењето на ова е многу големо затоа што на нашата планета постојат многу елементи и од нив е изградена природата и живите суштества. Бидејќи овие елементи е невозможно да се создадат во нашето Сонце, тие биле создадени со експлозија на ѕвезди кои се стотици или илјадници светлосни години далеку од нас. Можеби сте слушнале за фразата “we are all made of stars” и таа зборува токму за процесот кој го опишавме.

Бидејќи Бетелгез е „блиску“ до нас, ако експлодира тоа ќе има влијание и на нашата планета, сѐ уште не знаеме колкаво. Во еден век се случуваат околу три супернови во вселената, а кога се блиску до нас можат да влијаат на биосферата и да предизвикаат глобално затоплување или оштетување на озонската обвивка (која нѐ штити од штетните зрачења од Сонцето), но за тоа е потребно ѕвездата да биде многу поблиску (на околу 25 светлосни години од нас).

Сепак, вакви настани се случуваат еднаш во милијарда години, како на пример Големото истребување во кое исчезнале повеќе од 60% од видовите на планетата Земја пред околу 500 милиони години. Значи, овие величествени вселенски настани кои го создале животот на Земјата и ги донеле елементите потребни за истиот, исто така можат да предизвикаат и истребување.

Да заклучиме, никој не знае со сигурност кога може да се случи суперновата на Бетелгез, иако сме прилично убедени дека ќе се случи наскоро – можеби утре, а можеби за 100.000 години!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *