Нашето Скопје!

Ѓорѓе Јовановиќ – Џоле, во неговиот нов стрип-весник „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи“ ни го претставува Скопје, она што го знаеме и сакаме, топло, архаично, маалско, заборавено…

Имињата на зградите и улиците се попатни затоа што главната улога ја играат безимените топоними како црни пазари, трафики, берберници и фризерници, гаражи, па дури ќе препознаете и некои огради!

No photo description available.

Присутни се и пораките по влезовите со кои жителите на зградите си пренесуваат пораки и критики со цел промена на однесување на другиот, толку карактеристични за овие простори.

Со посебен осврт кон легендарните урбани ликови како Рефет Сулејмани – Алфонсо, Соња Иванова, Живко Поповски, Горан Стефановски… кои го прават Скопје такво какво што било и се обидува да биде – место каде „Старо купуем“ е дел од секојдневниот живот, и приказните на граѓаните, исто како и утринската чорба!

Приказна за едно локално Скопје кое се противи на промените, на рушењето на старите куќи и градењето висококатници, на проширувањето на булеварите и сечењето дрвја, на трговските центри и консумеристичките храмови во кои се достапни сите материјални божества на едно место, наместо малите дуќанчиња во кои не само што се купува, туку и се муабети со газдата за животот, времето, политиката и секојдневните проблеми.

No photo description available.

Со остар графички стил на Џоле кој одлично одговара за карактерот на заборавениот град кој сака да го прикаже и неговите текстуални вињети дополнети од Иван Шопов, Жарко Букинац и Оливера Ќорвезировска, авторот се претставува како внимателен и прониклив набљудувач на градот.

Воедно и со суптилна и хумористично-игрива доза критика кон новиот, глобалистички и безличен град, непрепознатлив на „добро упатените“, а можеби восхитувачки за „почетниците“, авторот сепак не навлегува премногу во стапицата на споредба, туку го задржува фокусот кон оној град на колективната меморија на граѓаните на Скопје.

Издание кое треба да го има во домот на секој Скопјанец, независно од тоа дали е „почетник, добро упатен или понављач“!

Разгледајте го стрип-весникот тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *