Борба на идеологии: „Дај, не фрлај“ vs. „Black Friday“!

Пред три години ги поканивме луѓето на Фејсбук на едно патување во непознатото наречено „Дај, не фрлај“. Не бевме сигурни каде одиме, но знаевме што сакаме.

Денес, на „Black Friday“, славиме три години од основањето на таа група. Групата почетно е основана како контрапункт на овој празник и сѐ што претставува тој – претеран консумеризам, натрупување на непотребни нешта и негрижа за околината.

Сакавме да создадеме едно место кое не постои во реалниот свет и ни се чинеше дека виртуелниот е вистинско место за такво нешто.

Сакавме да создадеме заедница во која луѓето ќе се грижат едни за други и за околината, а тоа го прават преку подарување на работи кои не ги користат, а се во добра состојба – наместо да ги фрлат, ќе ги подарат на некој со што тој нема да купува ново.

Image result for дај не фрлај

Сакавме да направиме група во која луѓето ќе можат да подарат нешто и да бидат сигурни дека ќе остварат личен контакт со личноста на која подаруваат. Тоа треба да наликува на „наследување“ на работите од родители, постари браќа и сестри, роднини или пријатели. Систем на доверба и споделување, не затоа што мораме, туку затоа што сакаме.

Сакавме да им кажеме на тие кои имаат потреба од нешто да не се срамат, туку да побараат, дури и да не им е неопходно. Ако некој има, а не му треба, можеби ќе им подари. Групата не е хуманитарна и не прави дискриминација по никој основ.

Сакавме да создадеме движење и денес има повеќе од 30 вакви групи, нѐ имаше по весници и емисии, а нашето име „Дај, не фрлај“ станува синоним за подарувањето.

Вие проценете дали успеавме, а ние им благодариме на сите членови кои беа со нас сите овие години на ова патување во непознатото, зашто тие се заслужни за сѐ што постигна групата.

Патем речено, славиме и 40.000 членови, па со среќа 🙂

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *