Која планета има најмногу сателити?

Како дете го памтев бројот на сателитите околу секоја планета од нашиот сончев систем. Ако тргнеме од првата планета, Меркур, работите се едноставни – таму нема сателити, како ни околу Венера.

Нашата планета, се разбира, ја има Месечината, а Марс има два помали, компиролики сателити Фобос (фобија) и Деимос (страв), што не се многу убави имиња, но соодветни за деца на еден бог на војната.

Работите се прилично едноставни до сега, нели. Но, штом навлеземе во светот на гасните џинови, работите стануваат покомплицирани. Така во 80-тите и 90-тите се сметаше дека Јупитер и Сатурн имаат педесетина сателити.

Се разбира четирите големи јупитерови сателити ги видел уште Галилео Галилеј и тие претставувале директен доказ дека не живееме нужно во Геоцентричен систем во кој сѐ се врти околу Земјата, туку дека, ете, има и други небесни тела кои кружат околу Јупитер. За жал, од тоа време до денес се вративме назад со популарната верба дека живееме на плоча земја, но тоа е друга тема.

Бројот на сателитите на Јупитер и Сатурн постојано се зголемува, поточно ние постојано откриваме нови, но последното откритие го става Сатурн на прво место според бројот на сателитите.

Астрономите од институтот од Карнеги (Carnegie Institute) открија, ни помалку ни повеќе туку, 20 нови сателити на Сатурн, со што бројката на неговите сателити се зголемува на 82. Јупитер е сега на второ место со 79 месечини. Сателитиве се големи до 5 км во пречник и се веројатно остаток од судирите на различни поголеми сателити на Сатурн.

Се разбира сето тоа е убаво, ако заборавиме дека околу Земјата кружат речиси 2.000 вештачки сателити кои во иднина ќе бидат само дел од ѓубрето кое генерациите земјани го оставиле околу и на нашата планета!

Дознајте повеќе за новото откритие тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *