Батери Азиз!

Во златното време на македонските телевизии како Амазон, КРТ, Шутел, БТР и други, вообичаени беа појавите како: линии по екранот од потрошена лента, филмови без реклами или филм прекинат со половина час реклами по што следи друг филм – вработените едноставно заборавиле да го пуштат понатаму.

Освен тоа, преводите беа легендарни и извесни пропусти беа пренесувани со генерации, па дури и до ден-денес. Таков е случајот со филмот „Вистински лаги“ (1994) и со типизираните терористи од блискиот исток кои сакаат да ја кренат Америка во воздух.

Да го заборавиме за момент тоа дека американската надворешна политика кренала многу повеќе земји во воздух и да се навратиме на мигот кога главниот терорист, Азиз, ја изнесува неговата “death to America” порака, додека снимателот со треперливи раце и пот која му се слева по лицето ја спушта камерата со потрошена батерија и изјавува: „Battery Aziz!“.

Самата сцена која е култна ја надминува само преводот на телевизија „Амазон“ кој гласеше: „Брате Азиз!“ и токму во оваа форма е пренесуван низ генерациите млади кои раснеле во 90-тите години во Скопје, а кој знае можеби и денешното „брат“ кое го употребуваат младите е дериват на тоа.

Се разбира, денес е друго време и тоа „брат“ произлегува од претераната американизација на нашата средина и на светот. На нам другите кои сме виделе поинаков свет останува да пренесеме по некоја анегдота од изминатите времиња, пред да се изгубат како „солзи во капки дожд“.

Но, се чини дека и времето на дотраените батерии е при крај! – особено кога станува збор за батериите за автомобили. Илон Маск објави дека Тесла има создадено батерија со животен век од 1 милион милји (околу 1 милион и 600 илјади километри), што е доволно 40 пати да се заобиколи Земјата. Тоа значи дека автомобилот ќе треба да биде сменет пред да дотрае батеријата. Возбудливи времиња!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *