Изуми: компас

2 век п.н.е. – 1 век

„Во случај на пијанство, се препорачува да излезете од автомобилот и да користите ГПС за да се вратите дома,“… но што постоело пред овој систем за ориентација за луѓе и како тие се враќале дома?

Секако компасот бил неопходна алатка не само за тие кои гледале двојно па не можеле да се ориентираат според ѕвездите (забавен факт: повеќето од ѕвездите во вселената се навистина бинарни!).

Сепак, на почетокот компасот бил користен за геомантија и предвидувања од страна на кинезите, каде што е пронајден за време на династијата на Хан (без Соло) пред околу 2.000 години.

Ако сте биле заинтересирани за воведување Фенг Шуи принципи во вашиот дом, секако ви требал компас. За навигација почнале да ги користат дури во 10 век, а во Европа во 12 век. Според некои истражувања Олмеците во Средна Америка го пронашле компасот цел милениум пред кинезите, а познато е дека истите го пронашле и фудбалот, па зошто да не и компасот.

Инаку, головите за овој „фудбал“ биле камени обрачи поставени вертикално, а победничкиот тим за награда можел да го жртвува губитничкиот. Но, малку се изгубивме во темава, па да се ориентираме – каде бевме?.. Да речеме дека стоиме на мразот на северниот пол и го вадиме компасот, кога чудо – тој покажува кон Канада!

Пред да ја обвиниме Канада како во епизода од Саут Парк, би требало да појасниме дека магнетскиот пол кон кој покажува компасот се наоѓа таму… на 500 километри од вистинскиот северен пол. Како и да е… ќе стигнеме до Канада, па што ни фали!


Текстот е преземен од книгата во подготовка: „Made in China” („За тоа како западот им ги украл изумите на кинезите, а овие си ги вратиле назад!“) на Бранко Прља.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *