Лифт – до Месечината!

Концептот за вселенски лифт е познат одамна во научната фантастика, како и во науката. Во неколку наврати се теоретизираше за лифт до Меѓународната вселенска станица, но истото би подразбирало развој на нови ултра-лесни и ултра-силни материјали.

Идејата е дека, колку и да звучи комплексно, сепак трошоците би се исплателе во однос на трошоците потребни за изградба, лансирање и одржување на ракетите – дури и да се за повеќе употреби.

Најновата вест е идејата за изградба на лифт – до Месечината! Сепак, потребно е да се наведат две работи. Како прво, лифтот е всушност кабел кој би бил закачен на површината на Месечината, а како второ тој не би одел до Земјата туку на висина од околу 35.000 км во геостационарната орбита на Земјата. Ова е значајно намалување на патот, бидејќи Месечината се наоѓа на растојание од 384.400 км од Земјата.

Астронаутите би требало да се „закачат“ за тој кабел откако ќе се најдат во орбитата на Земјата. Оваа идеја се чини изводлива заради помалата гравитација на Месечината што овозможува кабелот да биде направен дури и од материјалите достапни денес.

Сепак, се поставува прашањето за времето потребно за овој пат. За споредба познатиот Аполо 11 кој слетал на Месечината во орбита се движел со брзина од 7.4 км/с, што се чини недостижно за брзина на лифт.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *