Изуми: тркало

3.500 пне

Првите тркала биле кружни парчиња тврд материјал на кој Кременко и Каменко би биле горди, а денешните производители на гуми би се засрамиле од нив, додека механичарите веднаш би ги пратиле таквите возила на центрирање предница, но во тоа време најкул фраерите од Месопотамија и Европа „дрмале“ на нерамни тркала како да е 3.500 година пне!

Не е познато дали го користеле изразот „Ш’ц маче“ додека поминувале покрај локалните моми, но дефинитивно го користеле изразот „kwekwlo“, што на прото-индоевропски значи, а и звучи како, „тркало“. Сепак, првите фраери всушност биле грнчарите кои го вртеле грнчарското тркало како диџеите од една друга ера кога се „скречале“ плочи, кога конечно по 300 години на некој му текнало да стави оска и останатото е историја.

Иако тркалото го олеснило и го забрзало транспортот, сепак и тоа не е совршено, бара рамен пат и се заглавува во кал, додека камилата работи на сопствен погон и не се прегрева. Но, ајде покажете ми камила што прави грнчарии, меле брашно или наводенува обработливи површини независно од тоа колку вода има во грпката!

Спиците (штиците од осовината до работ) биле измислени околу 2.000 г. пне. на денешен Сибир, а 1.000 години подоцна и железниот обрач (на радост на пиварите и винариите). И така се тркалале работите до 1870-тите и до изумот на железните спици и на пневматиците, но тоа е веќе друга приказна!

Некои велат дека на човекот му требало многу време да го измисли тркалото. Но, трикот е во оската и во дупката во тркалото, алатот потребен да се издлаби прецизно, а за тоа требало бронзено доба… но, не можеш да им угодиш на сите, нели?… ма кој ги тркала!


Текстот е преземен од новата фактопедија во подготовка на Бранко Прља.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *