Изуми: оган

пред 1.000.000 години

„Не играј си со огнот!“ е реченица која секој родител ја има повторено барем еднаш во животот на своето дете, но колку родители помислиле дека токму огнот е заслужен за тоа што неговото дете оди во училиште наместо да собира бобинки на некоја падинка?

Навистина, огнот го направил човекот, и не напразно е наречен најважниот изум во историјата на човештвото. Тркалото може колку сака да се мурти, а Јупитер да грми… но, можеби и со право?

Човекот не го измислил огнот, туку начинот како да го контролира и тоа е неговото значење. Независно дали излегува од запалката која детето ја украло од родителот и зад шупата со него пали цигара (еден од најнеизумите на човештвото) или го создава со триење на стапче од камен, како првите луѓе, овој изум целосно ја сменил човековата еволуција.

Раниот човек со помош на огнот научил да ја готви храната (а Балканецот од неа да прави десетка со кромид) и така да се заштити од опасни бактерии, а од повеќеклеточни организми како што е лавот се бранел со оган… но, освен за заштита, огнот имал уште една пресудна улога – социјална.

Замислете го Гру-Гру, најстариот член на малата пештерска заедница собрана околу топлината на огнот, како ја раскажува приказната за неговиот лов и како го следел еленот додека огнот на небото се скрил, а во позадина младиот, и понекогаш осамен, Да-Да ја слика сцената врз ѕидот од пештерата.

Сето тоа би било невозможно без огнот, а Кочо Рацин не би инспирирал илјадници ученици во нашата земјичка да учат и кога им е тешко. Ете, огнот топли, но може и да топи, а и од топ да испали ѓуле, но секој изум може за добро или за лошо да се искористи. Но, како и да свртиш, огнот е кул!


Текстот е преземен од новата фактопедија во подготовка на Бранко Прља.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *