Сликање на екран!

Сликањето е посебна вештина која бара познавања не само од сликарските техники, туку и на материјалите со кои се работи, а трошоците знаат да бидат големи.

Се разбира, дигиталната уметност не е нова. Повеќе уметници (Jean Tinguely, Nam June Paik и др.) користеле дигитална уметност во 1960-тите, а значајни се и дигиталните цртежи на Andy Warhol создадени со Commodore Amiga 1000 во 1985 година.

Во македонската уметност во 1997 се водеше жестока дискусија за дипломската работа на Нада Прља (уметник со големо искуство во дигиталните медиуми од средината на 1990-тите), создадена и продуцирана со комбинација на класични и компјутерски графички техники – дали воопшто треба да биде прифатена како валидна! Дипломирањето на Нада Прља на ФЛУ претставуваше „дигитално крштевање“ и преломна точка во историјата на модерната македонска уметност.

Денес алатките за дигитална уметност се далеку понапредни, а последната – Adobe Fresco е апликација која користи вештачка интелигенција и резултатите се одлични. Сликањето изгледа како на вистинско платно или на хартија, боите дури и се разлеваат, а вашите раце ќе останат чисти!

Ова е еден чекор понатаму кон користењето на таблетите како алатки за цртање, а со излегувањето на целосната верзија на Adobe Photoshop за iPad, корисниците на овој таблет со напредниот молив и со малку вештина можат да создадат вистински уметнички дела.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *