Помалку е повеќе!

Во архитектурата, минимализам е стил каде што со најмала употреба на елементи и материјал се постигнуваат максимални композициски и естетски ефекти.

Зачетоците на овој правец се уште во 19 век, но најзаслужен претставник на минимализмот каков што го знаеме денес е архитектот и дизајнер Лудвиг Мис ван дер Рое сo неговата максима ,,помалку е повеќе’’ – преку едноставност на формата, површините и екстремна редукција на деталите, да се оствари поголема удобност, слобода, префинетост, елеганција, флуидност помеѓу зоните во ентериерот како и поврзаност на внатрешниот со надворешниот простор.

Аналогно на примената во архитектурата, принципот на минимализам неретко се препознава и како стил на живеење или како тренд. Во некои држави, на пример во Јапонија каде луѓето практикуваат Зен Будизам, минимализмот е веќе одомаќинет во нивната култура и однесување а се покажал како практичен во случај на земјотрес.

Постојат различни поимања и дефиниции кога станува збор за минимализмот како начин на живеење, дури се издвоени различни типови минимализам.

Одржлив или еко-минимализам е еден од нив. Негов главен фокус е намалување на зависноста од консумеризам, намерно придвижување чекор наназад во тој поглед, поедноставување на живеењето, грижа за околината, редуцирање на бројот на предмети според логиката дека колку помалку предмети се поседуваат, токлу помалку ресурси се потрошени и помалку отпад би се генерирал на крајот. На овој начин му се олеснува товарот на животниот простор но и оној на Планетата.

За да се остане на правилниот курс, потребно е да се делува разумно бидејќи радикалното редуцирање на предметите може да доведе до нивно трупање на депониите што воопшто не е пожелно, ни минималистички.

  • Пред да се купи нешто ново, препорачливо е добро да се истражи со цел да се направи вистински избор – новото парче треба да одговори на желбата, потребата и да трае подолго,
  • предметите што го задоволуваат овој критериум се поквалитетни, вообичаено се поскапи, па добро е максимално да се искористат, евентуално да се поправат пред да се отуѓат,
  • некои предмети, како што е детската облека, обувки, мебел, техничката роба… остануваат употребливи и кога веќе не му се корисни на тековниот сопственик. Во ваков случај, од голема помош се социјалните медиуми, здруженијата, добротворните организации, secondhand продавниците и слични здружувања што ја олеснуваат размената на корисни предмети и им даваат втор, трет… живот на истите; таква е нашата омилена ФБ група Дај, не фрлај!

За минимализмот како тренд, стил, филозофија на живеење, напишани се многу статии, книги а снимен е и документарец. Еве го трејлерот:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *