Дрвјата зборуваат… но, дали некој слуша?

Дрвјата се актуелна тема во 21-от век. Глобалното затоплување е сѐ посилно, а на дрвјата се гледа како на едно од спасенијата. Имено, тие дишат јаглерод диоксид, еден од причинителите за глобалното затоплување поради ефектот на стаклената градина (C02 служи како обвивка), каде што топлината влегува, но не може да излезе. Едноставно и рационално, нели!?

„Да, човекот е рационално суштество кое се грижи… за себеси,“ би можело да каже едно дрво. „Кога ви требаме за градење, огрев или да направите чамец или дрвена лажица од нас, тогаш нѐ сечете, а сега кога се исплашивте од глобалното затоплување, сакате ние да ве спасиме!“

Навистина, човекот е себично суштество, но ете барем од неговата себичност да произлезе и нешто добро, нели!? По вековите индустриска револуција, уништувања шуми и загадување на воздухот, конечно се освестивме дека мораме да се грижиме за планетата. Се разбира, повторно заради себеси.

Но, извесни луѓе ги сакаат дрвјата само затоа што се дрвја, магични столетни живи суштества кои се брануваат на ветрот и комуницираат помеѓу себе, а велат дека дури и чувствуваат.

Во книгата Дрвјата ноќе (Trees at Night), американскиот автор Артур Хенри Јанг (Arthur Henry “Art” Young), кој станал славен преку своите политички илустрации кои ја критикувале војната и капитализмот, прави црно-бели илустрации на дрвја кои се визуелни поеми и метафори на човечката природа, состојба и страдање.

Откако биле објавени прво во списанија, предизвикале силни реакции и писма од читателите, некои дури и пишувале поеми инспирирани од илустрациите.

Но, тоа било едно друго време, кога човекот ги сакал дрвјата заради тоа што се, а не заради тоа што му го даваат.

Погледнете повеќе од илустрациите тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *