Пластична економија!

За да се разбере терминот циркуларна економија доволно е да се погледне овој infographic by Government.nl и да се споредат трите илустрации.

Кај линеарната економија, производите се прават од нови суровини и истите, после нивното искористување, одат на отпад без можност да придонесат преку повторна употреба.

Согледувајќи ја неодржливоста на линеарниот принцип, економијата на рециклирање и реупотреба ја враќа вредноста на искористените предмети преку нивно преработување во нови исти или различни производи.

Тука доаѓа комплицираниот дел, прво, бидејќи секое рециклирање не придонесува подеднакво и друго, затоа што рециклирањето треба да биде последен избор, тогаш кога сите останати подобри опции се исцрпени.

Какви видови рециклирање има?

Освен Recycling, постојат и Upcycling & Downcycling и за овие ,,новиве’’ не сум сретнала а можеби и нема соодветен македонски превод.

Upcycling, се нарекува и креативно рециклирање, е начин на враќање на предметот во употреба при што новосоздадениот производ е со поголема вредност од оригиналниот. Пример за Upcycling е изработка на чанти, ќесиња, колани и други предмети од отпадниот материјал на кожарската и текстилната индустрија.

Upcycling исто така е користењето на пластичната амбалажа од прашоци за перење како материјал од кој се шијат големи торби за пазарење, пренамената на искористени предмети од домот, градината… во нови практични или декоративни производи.

За отпадот кој страсно го селектираме, пластиката и хартијата, не можеме да кажеме дека се рециклира туку се downcycle-ира, зашто со секое повторно преработување овие материјали го губат квалитетот. Исто, поради ограниченост на бројот на циклуси, во одреден момент предметот ќе мора да се фрли што е посебно лошо кај пластиката.

Пример: Од искористена хартија за печатење се добива хартија за весници или за книги но со видно послаб квалитет.

Оној дел од отпадот што не може да се пренамени или рециклира, мора да излезе од системот и со тоа ја губи вредноста.

За да биде рециклирањето одржливо, би требало да го врати предметот назад во циклусот целосно, а новиот производ да има квалитет ист како претходниот.

За нас најлесно воочлив пример е рециклирањето на стакло и лименки кое може да се прави неограничен број пати без да се намали квалитетот.

Циркуларната економија како најнов и најодржлив модел, ја третира ваквата обновливост на материјалите и нивното целосно задржување во системот во секоја фаза од циклусот.

Овој комплексен модел опфаќа уште и обновливост на ресурсите, енергијата, смалување и елиминација на хемикалиите и несоздавање отпад.

Кога е невозможно да се дизајнира самиот производ така што ќе може да одговори на овие услови, тогаш се дизајнира системот на начин што отпадот од една индустрија се употребува како суровина во друга.

И покрај сите напори, јасно е дека идеална циркуларна економија е неостварлива, но важно е да се работи на продолжување на животот на производот што е можно подолго со цел да се постигне циркулирање на материјалите со загуба толку мала што би можела да се занемари.

Поедноставена циркуларна економија е применлива во секое домаќинство. Како?

Сигурно НЕ со употреба на пластика бидејќи знаеме и уште еднаш објаснивме дека преработката на пластика (ако воопшто е можно да се направи) не е рециклирање во целост.

Тогаш, кои се тие подобри опции спомнати погоре?

Имаше еден најпрост домаќински совет – ако се изеде се’ што се подготвило.

Значи, ако се купува умерено во согласност со потребите, ако предметите се користат подолго време дури и поправени, ако после првичната употреба се пренаменат во нешто повторно корисно (особено е добро доколку ова се направи со предмети што содржат пластика), ако се подарува со мисла дека новиот сопственик би го користел предметот подолго од нас…

Ваквиот разумен третман на храната, енергијата и предметите води кон затворен циклус на функционирање, без или со сосема малку отпад како штетен остаток.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *