Скопје е град кој ги прави своите жители несреќни. Ова е очигледно од неформалните муабети со кој било жител надвор во реалниот свет или во виртуелниот, преку социјалните мрежи.
Незадоволни сме од премногу асфалт и бетон, а премалку паркови и зеленило, лошиот сообраќај и премногу автомобили, непланското градење и нечистите улици, лошото селектирање и непостоечкото рециклирање на отпадот, а да не зборуваме за воздухот во градот како последица на сите овие и повеќе фактори… листата е едноставно бесконечна!

Некои проблеми се поедноставни за решавање (Се сечат дрва? Ќе садиме нови!), но други, како загадувањето на воздухот, бараат строги закони, цврста соработка помеѓу граѓаните и државата, како и масовни и решителни акции.
До тогаш, еве предлог за неколку идеи кои можат да го разубават градот и нашето живеење во него.
1) Пешачки премини во боите на виножитото
2) Јавни градини
3) Шарени графити со весели теми, наместо сиви ѕидови
4) Јавни и бесплатни терени за тенис, маси за пинг-понг или други игри во парковите
5) Згради со кровно и вертикално зеленило, како и простори за социјализација
Научниците правеле истражувања и заклучиле дека поминувањето низ урбани, сиви пејзажи опколени со згради негативно влијае на расположението, додека зелените површини, дрвјата, грмушките и разните продавници и активности го подобруваат. Тие препорачуваат градини на покривите, вертикални градини, паркови и уметнички инсталации во истите.

Исто така, се истакнува влијанието на бучната, стресна околина исполнета со сообраќаен метеж и градежни активности, како фактор кој особено негативно влијае на нас, а тоа ни е добро познато во градот Скопје.
Според истражувачите, зградите треба да бидат функционални, но и социјални, мора да постојат заеднички простори каде што луѓето би влегувале во интеракција, наместо да бидат изолирани.
Погледнете други интересни решенија на сајтот на проектот Happy City.