Лубеница или книга?

Пред точно 10 години заминав од издаваштвото заради ниските плати и се префрлив во маркетингот. Во тоа време можеше да излезеш од продавница со сметка од 300 денари и со полна торба. Денес тоа е незамисливо.

Во меѓувреме се испробав во разни области и од неодамна решив дека љубовта ми е сепак во културата. Така се упатив на повеќе интервјуа по издавачките куќи со моето богато портфолио и желбата за работа. Бев изненаден кога дознав дека платите во културата се ИСТИ какви што беа пред 10 години.

Се обидов да проверам како стојат работите на пазарот на трудот, но повторно бев зачуден дека огласите за мојата професија се многу ретки, речиси непостоечки, додека секаде се бараат чувари, возачи, магационери, козметичари, продавачи, продавачи, продавачи…

И тогаш ми стана јасно дека културата не само што не е конкурентна, туку работите се полоши од порано кога барем независната култура живееше. А како може да биде конкурентна во општество кое живее на дното на „пирамидата на Абрахам Маслов“, од која знаеме дека – за да се интересираме за духовното мора прво да биде задоволено базичното.

Дали забележавте дека само во последната година пазарџиите драстично ги зголемија цените, заедно со мајсторите, фризерите, козметичарите, пекарите итн., а цените во продавниците се во постојан пораст по принципот „зготви жаба, а таа да не забележи“, додека просечната плата упорно и истрајно не мрда…

И како после сето тоа да зборувам за книги! Останува да го чекаме денот кога една книга ќе чини колку една (среднo голема) лубеница во јули – всушност, тој ден веќе дојде!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *